Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција веќе пет месеци спроведува предистражна постапка за сомневања за нелегални активности во Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова во вилата на Водно, поврзани со можно неовластено извлекување доверливи податоци.
Од ОЈО ГОКК информираат дека предметот бил оформен на 18 декември 2025 година, по известување добиено од Министерството за внатрешни работи – Секторот за компјутерски криминал, кое се однесувало на настан од 24 ноември 2025 година и на, како што велат, „индиции за недозволени активности од висок државен интерес“.
„Специјалната истражна единица при ОЈОГОКК истиот ден отвори предистражна постапка и беа преземени сите потребни мерки согласно законските овластувања. До Основниот кривичен суд беше поднесено барање за издавање наредба за контрола на компјутерскиот систем, со цел да се утврди содржината за која постои сомневање дека е копирана без овластување од информацискиот систем во Кабинетот на претседателот“, соопштија од Обвинителството.
Во рамки на постапката, биле издадени наредби за извлекување податоци од персонални компјутери и лаптопи доставени од Кабинетот на претседателката до МВР за анализа и вештачење.
Паралелно, обвинителството побарало и снимки од безбедносните камери за периодот кога се случил спорниот настан, со цел да се утврди кој имал пристап до компјутерскиот систем и дали биле изнесувани чувствителни информации.
Сепак, истрагата се соочила со застој откако Кабинетот на претседателката го известил Обвинителството дека не располага со копии од видео надзорот. Според нивното известување, системот бил набавен преку Службата за општи и заеднички работи, додека со снимките управувало МВР.
Од СОЗР, пак, одговориле дека биле задолжени само за набавка на опремата и не чуваат видео материјали, посочувајќи дека тоа е во надлежност на МВР.
Според ОЈО ГОКК, и покрај повеќекратните барања, Министерството до денес не доставило ниту снимки, ниту информации дали се преземени активности за нивно обезбедување.
Во март годинава МВР испратило само делумен извештај поврзан со пристап до криптирани податоци од компјутерската опрема, а во меѓувреме до Обвинителството биле доставени и два мобилни телефона одземени од вработен кој раководел со информатичкото одделение во Кабинетот на претседателката.
Надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ потоа наредила дополнителна анализа на телефоните и споредба на добиените податоци со материјалите извлечени од компјутерите.
На 25 март 2026 година до МВР била испратена нова наредба за детална анализа на сите електронски податоци и за проверка на постапувањето по судската наредба за увид во информатичкиот систем на Кабинетот на претседателката.
И покрај чувствителноста на случајот и можните безбедносни импликации, од Обвинителството велат дека до денес не добиле конечни извештаи, ниту целосна документација за преземените активности.
