ВИДЕО: „Кон правдата“ – сторија за политичка дискриминација

Од:

Видео сторијата „Кон правдата“ на авторите Љубиша Арсиќ и Жарко Настоски во соработка со Хелсиншкиот комитет за човеков права на РМ, го истражува проблемот на дискриминацијата по основа на политичка припадност во Македонија.

Во сторијата, покрај жртвите, за состојбата со политичката дискриминација говорат и претставници на надлежните институции за заштита од дискриминација.

-Како автори на сторијата за Политичка дискриминација се соочивме со реалноста во која граѓаните сериозно се исплашени јавно да зборуваат за неправдата. Иако првично имавме договорени осуммина граѓани кои ќе се појават во филмот и ќе зборуваат зошто решиле по судски пат да докажат дека се политички жртви на системот, сепак на крајот само половина од нив застанаа пред камерата. Дури и за тие кои се охрабрија да зборуваат беше неопходно неколку дена нивните адвокати да ги натераат и да им објаснат дека нема да имаат последици затоа што и онака нема што да изгубат. Ние се фокусиравме да откриеме граѓани кои се сметаат за политички жртви, но кои имаат поднесено судски тужби (исклучиво вакви лица).

Стигнавме до застрашувачки податоци. Во Македонија, во која партиската припадност е пред сите вештини и искуство, каде партиската книшка е замена за диплома, има само 20-тина судски процеси покренати од политички дискриминирани граѓани. Уште пострашно, за овие четири години, колку што постои Законот за заштита од дискриминација, ниту еден граѓанин не успеал да докаже дека е дискриминиран на работното место по основ на политичка припадност, иако секојдневно слушаме како луѓе остануваат без работа затоа што не припаѓаат на партиите на власт.

А зошто не успеал? Прво, само малкумина се охрабруваат да поднесат тужба и судски да се изборат за правдата. Потоа, судовите наместо да застанат на страна на граѓаните – жртви, тие избираат да ги одбранат државните органи кои дискриминираат. Некако полесно им е на судовите да одлучат против граѓаните отколку да се замеруваат со институциите. Потоа, Комисијата за заштита од дискриминација многу ретко утврдува политичка дискриминација затоа што самите членови во комисијата се вработени во државната администрација и практично се доведуваат во ситуација да одлучуваат против свои колеги, или уште пострашно, претпоставени.

На крајот, дознавме низ филмот, дека и Уставниот суд е со ограничени надлежности во однос на ваквите случаи, а многу работа со вакви македонски предмети нема ниту Европскиот суд за Човекови права во Стразбур.

Во моментов ако некој граѓанин е избркан од работа, или не успеал на конкурс за вработување, или пак не може да напредува во кариерата на работното место, и ако сето ова е заради политичката припадност, тогаш тешко дека ќе успее низ институциите на системот да го докаже тоа. Да не зборуваме колку време, нерви и пари се потребни. Така што на политичките жртви многу полесно им е да премолчат, да наведнат глава, да чекаат нов конкурс или нова власт отколку да тргнат во патешествие кое однапред има извесен крај- дека државата е во право, а не граѓанинот, велат авторите на филмот.

Би можело да ве интересира

„Министерката ми се закани дека ќе ме избрка“: Советничка во МОН била вознемирувана од Шаќири и Царовска

A1on

Се вселила во стан во Скопје, соседите ја избркале по еден ден оти била Ромка

A1on

Ѓорѓи Трендафилов: Македонија е дискриминаторска земја не само во однос на етничкото потекло

A1on

Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно уште денеска да ја разгледа наводната согласност на Владата кон „Бехтел и Енка“ за поголема работна недела

Ана Ололовска

Комисијата за заштита од дискриминација со препорака за Акциски план за унапредување на правата на осуденичките

Ана Ололовска

Татко спречен да го придружува своето дете: Детска клиника дискриминира, вујна и баба можат оти се женски пол

A1on