Нема пречка за „бомбите“ да се користат како доказ во постапките пред судовите по преземањето на предметите на СЈО, кажа државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
„Тие докази ќе ги користиме. Одбраната може да има и друго мислење, а судовите ќе ги донесуваат одлуките“, посочи шефот на републичкото обвинителство.
Од утринава е почнат процесот на преземање на предмети од надлежност на СЈО во надлежност на ЈОРМ.
„Очекувам до крајот на денот, процесот на преземање на предметите да заврши“, рече обвинителот.
Од следната недела ќе се договараат техничките детали. Предметите по преземањето ќе бидат распоредени по обвинителства и по обвинители, а дотогаш предметите кои се во фаза на судење остануваат кај обвинителите од СЈО.
„Приоритет ќе имаат предметите кои се во фаза на судење“, рече Јовески.
Функциите на обвинителите во СЈО мируваат додека работеле таму, па Советот на јавни обвинители ќе ги врати во обвинителствата од каде што дошле, рече Јовески.
Минатата недела шефицата на СЈО, Катица Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет“, побара Јавното обвинителство со кое раководи Љубомир Јовески да ги преземе сите предмети, истраги и предистражни постапки.