Мобинг, дисциплински постапки против вработените, закани, уцени и узурпирање на партијата се главните причини поради кои жителите на Лозово се против актуелниот градоначалник Ацо Велковски од СДСМ. Тој за „А1он“ минатата недела за себе изјави дека е единствен кандидат за градоначалник на Лозово од СДСМ, поддржан од сите населени места, а овој негов став предизвика лавина реакции кај неговите сожители и сопартијци.
„Сакам да го демантирам тоа дека покрај актуелниот градоначалник, кој се претставува дека е поддржан од страна на членовите на партијата тоа го прави на еден нетранспарентен начин по месните организации и тоа го претставува како еден и единствен. Има четворица кандидати од кои јас сум вториот“, вели Горанче Велков, директор на основното училиште „Методи Митевски – Брицо“ во Лозово за „А1он“.
Тој, како и многумина други од Лозово вели дека бил цел на градоначалникот кој барал ревизија за работењето на директорот, испраќал инспекции кои во ниту една друга институција не биле испратени, барал да работи незаконски и нетранспарентно, а во два наврати му барал да си поднесе оставка.
Во партијата на актуелниот градоначалник противкандидатка за градоначалничка кандидатура му е и трудницата која ја избрка од работа, па беше вратена со судска пресуда, но на пониско работно место.
„Кога првпат се пожалив на еден состанок во партија што се случува со градоначалникот зошто е врз мене јас бев распоредена во сала за состаноци да седам сама со маса и столoви, без никакви услови за работа“, вели Виолета Спасова-Колева за „А1он“.
Сопартијците на градоначалникот Велковски сметаат дека тој ја узурпирал партијата СДСМ Лозово.
„Тој тврди дека општинската организација само него го исфрла. Според моите информации, има уште тројца, што се образовани луѓе, тој е сепак необразован човек, нема факултет и сè што ќе се појави што е против него тој го тргнува настрана. Тој ја направи партијата што да ви кажам, ја узурпираше. Моментално има три функции, член на централен одбор, градоначалник и претседател на партија. Тој е ага, тој е паша, тој е сè. Нема поддршка од сите членови на партијата, лага е тоа. Тој е толку подмолен што еве и да излезе на терен, може некои го сакаат, но нека направи постапка, натпревар се игра со двајца, еден против друг“, смета Владо Миланов, поранешен претседател на СДСМ Лозово.
Поради ваквото однесување дури и еден од основачите на партијата СДСМ Лозово, Слободан Самарџиев, вели дека ќе размисли дали ќе му го даде гласот ако биде поддржан како кандидат за градоначалник од СДСМ.
„Јас сум еден од основачите на СДСМ Лозово. Моето незадоволство почна последните три години од настапот на градоначалникот оти тој како самобендисан да е во ова село, основачите едноставно ги исфрли од партија, сите. Само еден остана“, вели Самарџиев за „А1он“.
И поранешниот градоначалник на Лозово, Орце Цветковски, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека Велковски не заслужува втор мандат.
„Ацо Велковски мислам дека не заслужува втора шанса бидејќи фамилијата му е во Германија. Имаше еден допис таму, не знам од кого, дека 175 дена за време од две и пол години бил во странство. Јас мислам дека тој е повеќе во странство отколку што е тука. Дури и сега тој е во Германија, еве денес да отидеме во општина да го побараме тој не е тука“, вели поранешниот градоначалник Цветковски за „А1он“.
Градоначалникот Велковски во петокот, кога екипа на „А1он“ го побара во Општината, не беше на работа. Тој не одговори ниту на телефонските повици, а неговите сожители без двоумење кажуваа дека е најверојатно во Германија кај семејството оти го немало цела недела.