Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани донесоа осудителни пресуди за сите обвинети за случајот познат како „ТНТ“, за уривањето на објектот „Космос“, сопственост на бизнисменот Фијат Цановски. Експремиерот Никола Груевски, кој се гони за поттикнување, односно злоупотреба на службената положба и овластување, доби девет години затвор. На поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески му се досудени три години затвор. Тогашниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, доби четири години затвор, бидејќи според судот ја поттикнал инспекторката да издаде решение за уривање на објектот иако не требало. Елисавета Најдовска исто така доби осудителна пресуда со казна затвор од четири години, бидејќи прифатила да го урива „Космос“.
„Обвинетите солидарно да ја надоместат штетата на ТД Фине од 683.514.694 денари, која се состои од вредноста на изградениот дел од објектот Космос и вредноста на рушењето во износ на 19.389.440 денари“, посочи Ставрев.
Насе Ралев, Марика Зафировска, Александра Димитриевска-Аврамовска се ослободени од обвинение. Тие беа обвинети бидејќи биле членови на Комисијата за јавни набавки во Гази Баба и овозможиле незаконски да се спроведе истата, со фаворизирање на една фирма.
Судот ги отфрли и помилувањата дадени за овој случај бидејќи тие се донесени без законска основа. Судијата Ставрев повеќе од половина час елаборираше зошто помилувањата од експретседателот Ѓорѓе Иванов не се законски.
„Помилувањата од самиот почеток беа апсолутно ништовни“, кажа во дел од образложението судијата Ставрев.
За застареноста на кривичното гонење, мислење кое го даде сегашниот министер за правда Никола Тупанчески, судијата Ставрев кажа дека тоа е доколку не се изменел Кривичниот законик.
„Со измените на Кривичниот законик во 2010 година, а правниот настан се случил од 2011 година до крајот на 2012 година. Тоа значи се сторени по стапување на сила и важност на законските измени на Кривичниот законик кој предвидува казна затвор“, посочи Ставрев.
Бизнисменот Фијат Цановски побара оштета од 58.8 милиони евра по повеќе основи. По неколку вештачења, Цановски ја смени сумата и рече дека штетата е 40 милиони евра. Тој сметаше дека тоа е сумата што треба да му се исплати поради неговите загуби од уривањето на станбено-деловниот комплекс. Обвинителството, пак, со вештачења посочи дека штетата е близу 20 илјади евра.
Ефективни казни затвор какви што беа досудени побара обвинителот Бурим Рустеми. Обвинетите негираа вина. Тие останаа на ставот дека сите службени дејствија кои ги презеле биле согласно закон, а бидејќи објектот бил нелегален. Јанакиески на судењата посочи дека ако го осудат, тоа нема да смени ништо, освен што Фијат Цановски ќе заработи пари од буџетот. Тој рече: „Ве замолувам да ги цените доказите и завршните зборови, да донесете ослободителна и одбивателна пресуда“. Според него, објектот немало да се отстранува, ако бил легален.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Случајот добива првостепена пресуда по 11 години.