На штандот на иницијативата „Го сакам ГТЦ“, кој е отворен на плоштадот, покрај книжаницата „Култура“, застануваат граѓани, прашуваат до каде е работата, кога ќе има собир. Досега во тетратката на шандот, за спас на Трговскиот од барокот, се потпишале повеќе од 2800 граѓани.
– Денеска јас сум домаќин на штандот, заедно со Управниот одбор, ние, како асоцијација сме поддржувачи на организаторот, иницијативата „Го сакам ГТЦ“. Одзивот на граѓаните е многу позитивен, во смисла на зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ и секојдневно покажуваат дека имаат потреба да спасат барем дел од она што остана од центарот на градот, особено ГТЦ кој што им припаѓа на сите, му припаѓа на Скопје. Заинтересираноста е огромна и се надевам дека на собирот на граѓаните каде ќе се покаже интересот на граѓаните за зачувување на автентичниот изглед на ГТЦ ќе има голем одзив, вели Сања Раѓеновиќ, претседателка на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Активистите кои повеќе од една година се борат за спас на едно од главните обележја на Скопје, велат дека ГТЦе последната барикада на одбраната на Скопје, ГТЦ е срцето на градот и должност е на сите скопјени да го сочуваат.
– Имаме заедничка одговорност за она што го оставаме за идните генерации, велат од Иницијативата „Го сакам ГТЦ“.
До големиот собир на 28 декември кога граѓаните ќе направат жив ѕид околу ГТЦ, Инцијативата презеде голем број активности, освен отворениот штанд и потписите за поддршка, собран е голем број видео пораки на познати скопјани, а се’ повеќе поддржувачи се јавуваат и од стрнаство.
Утре, од 20 часот на штандот на Го сакам ГТЦ на почетокот на улица Македонија имаме средба на волонтери. Поканети се сите кои можат да помогнат во акцијата за делење флаери деновиве пред настанот на 28 декември (во своја зграда, маало, кој колку може) и оние кои можат да помогнат околу настанот.
А.Б.