„Дали објектот е бесправно или правно изграден ќе утврди судот. Јас сега кога ќе продолжам да го градам објектот, ќе го градам по истите квоти. Очекувам Судскиот совет да донесе правична одлука“, изјави сопственикот на станбениот комплекс „Космос“, Фијат Цаноски на денешното прво рочиште на судскиот процес во кривичнот суд Скопје 1.
Претходно обвинителот од СЈО, рече дека Никола Груевски барал со динамит да се урне објектот „Космос“. Во предметот, кој според новиот распоред на судии го суди Огнен Ставрев, првообвинет е екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Покрај него, обвинети се уште 6 лица: ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки. Истрагата за предметот со кодно име ТНТ беше отворена во април 2016 година, а летото 2017 година Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт.
Штетата од рушењето на Космос сe проценува на 16 милиони евра, а од обвинителството тврдат дека постојат сведоци, материјални, но и аудио-визуелни докази. Според нив, кривичното дело е политичка одмазда од страна на Груевски, Јанакиески и Трајковски, кои всушност сакале да му се одмаздат на Фијат Цаноски бидејќи ја напуштил коалицијата.
К.Ландов