Здружението на сопственици на деловниот простор во ГТЦ го поддржаа референдумот кој ќе се одржи на 26-ти април и на кој граѓаните ќе се изјаснат за изгледот на трговскиот центар. Дуќанџиите предлагаат да се заштити сегашниот изглед на објектот и наместо за надградба и реконструкција, средствата да се потрошат за негово реновирање и модернизирање.
– Ние сме за модернизација и осовременување на ГТЦ, но не и ова што се прави сега. Повеќе од 80% од дуќаните на ГТЦ се продадени на приватни ило правни лица, а сопствениците на дуќаните не се информирани за ништо што се случува. Ние го пддржуваме референдумот и повикуваме сите масвно да излезат да го дадат своето мислење – рече Маријан Огњановски, претседател на Здружението.
Во ГТЦ, велат од Здружението, има вкупно 546 деловни единици од кои 465 се во сопственост на физички или правни лица, а за нив се вложени 86.000.000 евра.
Токму заради, тоа, потенцираат, сопствениците треба да бидат информирани и запознаени со проектот, како и да дадат своја согласност за било каква промена на објектот.
Во јуни пред две години Здружението донело заклучоци со кое им се дава поддршка на архитектите и градежниците во нивните активности за заштита на ГТЦ.
„Нема никој право да ја загрозува состојбата во која што се наоѓаат објектите на сопствениците со било какво дејство, а згора на се да се попречува бизнисот и да се трпат загуби при такви генерални изведби. Сопствениците се согласија со сите факти кои ги изложија стручни лица, односно градежни инжинери и архитекти преку нивните здруженија, а Здружението на сопственици и понатаму ќе ги поддржува во нивните активности за заштита на изгледот и функционалностите на објектот ваков каков што е“, се согласуваат дуќанџиите.
Средствата што се планираат да се потрошат за надградба, за затворање на сите влезови и излези и за промена на фасадата во барок стил, предлагаат да бидат употребени за комплетно реновирање и модернизирање на ГТЦ.
„Тоа значи од темел да се изврши ревизија, преработка на статиката, современо обликување на металите столбови во пасарелите и осветлување (штедливо) во секој дел од ГТЦ. Исто така потребно е сите ескалатори да бидат енергетски штедливи и други современи архитектонски достигнувања за разубавување на фасадите“, предлагаат сопствениците.
Маја Васева