Во исклучително тежок период за нашата држава во Европа и во целиот свет денес од Брисел ни стигна убава и долго очекувана вест. Република Северна Македонија ги почнува преговорите за членство во Европската Унија. Советот за општи работи на Европската унија се согласи дека нашата држава треба во најбрз можен рок да ги почне преговорите за членство во Европската Унија, изјави премиерот Оливер Спасовски, откако денеска Советот за општи работи на ниво на министри за надворешни работи на ЕУ постигна предлог заклучок за отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Стигна верификацијата за успехот на нашите напори, за истрајноста, капацитетите и политичката војла на нашите институции, Собранието, Владата, судството да ги спроведат реформите што ги поставивме како наша цел уште во 2017 година. Дополнително, Владата по барање на Европскиот совет во јуни 2018 година ги покрена сите механизами да го затвори реформскиот процес во четири главни области. Судството и владеење на правото, реформа на разузнавачките служби, реформа во јавната администрација и бробата против кримналот и корипцијата. Постигнавме завидни резултати во сите овие области. Тоа беше секоја година верификувано во извештаите на Европската комисија и со резолуциите на европскиот Парламент. Од денес, тоа едногласно го верификуваа членките на Европската Унија. Денешнот признание за подвигот на нашата држава е резултат на тешките политички одлуки кои ги донесе Владата и владејачкото мнозинство во Собранието“, рече Спасовски.
И покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот особено цениме што ЕУ најде време и волја веродостојно да оддаде признание на досега сработеното. Северна Македонија по 15 години во чекалната како земја кандидат и по разочарувањата во јуни 2018, јуни 2019 и октомври истата година, конечно го поминува прагот и ќе може да ја започне следната заслужена фаза од својот европски пат, рече шефот на дипломатијата Никола Димитров.
„Од сега натаму и ние ќе имаме почетна точка од кога ќе го мериме времето, од кога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведувањето на реформите и во усвојувањето на европските стандарди. И досега но и отсега па натаму уште повеќе од нас самите зависи. Северна Македонија конечно и безусловно ги започнува преговорите за членство во ЕУ“, рече Димитров.
Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бујар Османи оцени дека денешната одлука за добивање датум за преговори со ЕУ е свеж зрак оптимизам што ќе ни помогне полесно да ја надминеме и кризата со коронавирусот, повикувајќи ги граѓаните да бидат оптимисти, трпеливи и, пред се, внимателни. Успеавме, потенцираше тој, затоа што заслуживме.
„Изминавме долг пат за да стасаме до овој ден, кога треба да се признаеме дека успеавме. Кога пред три години го почнавме овој пат иако со навистина изразен ентузијазам, морам да признаам дека не бевме целосно уверени дека овој момент ќе дојде после 20 години процес за стабилизација и асоцијација и 15 години во чекалната како земја – кандидат. Од денес влегуваме во последната фаза од остварувањето на сонот од самата независност на земјата за членство во ЕУ. И да немаме никакви дилеми, успеавме затоа што заслуживме“, рече Османи.