ВИДЕО: Чад и мирис на топена пластика од синоќа ги задушува Визбегово и Шутка, тлее дива депонија

Од:

Остар мирис на топена пластика и чад од синоќа се шири низ Визбегово и Шутка. Чадот доаѓа од дива депонија во близина на Центарот за азиланти. Тлее запалено ѓубре за кое општинарите велат дека се трупало со години оти просторот, до пред еден месец, како претоварна станица го користело јавното претпријатие „Комунална хигиена“. На барање на Општината го отстапиле просторот, но натрупаното ѓубре го оставиле, а синоќа некој го потпалил, па чад имаше и денес. Одговорните од Општина Шуто Оризари од утрово се на терен. Го собираат ѓубрето за кое велат дека ќе го однесат на депонијата „Дрисла“, а просторот ќе го уредат и ќе забранат фрлање отпад.

„Оваа депонија е остаток од претоварната станица на „Комунална хигиена“, но тука ѓубре остава кој стигне. Со камиони го истураат. Затоа ставивме капија и нема да дозволиме повеќе да се трупа смет овде, но само во рамки на нашите можности. Овде треба на секои пет метри да се постави човек да чува 24 часа, за да можеме да се справиме. Ние немаме толку луѓе“, вели градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш за „А1он“.

Тој не сакаше да зборува пред камера, но ја следеше акцијата за расчистување на депонијата. Се пожали дека откако тие ја преземале одговорноста, ѓубре се остава на други локации во околината. Додека екипата на „А1он“ беше на терен, мало камионче со ознаки „Комунална хигиена“ полно со ѓубре помина покрај дивата депонија, но ја заобиколи и ѓубрето го истури на ридот спроти Центарот за азиланти во близина на депонијата што се расчистуваше.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека просторот што го користеле како претоварна станица го отстапиле и повеќе немаат никакви обврски.

Од синоќа кога почнала да чади депонијата, жителите од околните куќи на социјалните мрежи се жалат дека морале да ги евакуираат децата поради остриот мирис. Велат дека не е првпат да чади депонијата која многу често ја гаселе и пожарникари.

Општинарите велат дека не повикале пожарна оти тие излегле на терен за да го соберат ѓубрето. Додека багерот го собираше отпадот, на другата страна на депонијата мајка со мали деца меѓу чадот, пребаруваше по отпадот.

Кристијан Ландов и Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Ристовски: Ромите заслужуваат да живеат квалитетно во Шуто Оризари, да имаат квалитетно здравство и образование

Мисајловски: Сплотени, сите заедно од Шуто Оризари порачуваме дека на 24 април победува Силјановска Давкова

Орце Костов

Во куќа во Шуто Оризари пронајден е починат 43-годишен маж

Во Шведска изби најголемиот еколошки скандал во последните 50 години, обвинети се 11 лица

Велес пред нова еко-катастрофа: Троската од Топилница полна со олово ќе се дроби и меле пред да се извезува

Орце Костов

Дрисла: МВР и ОЈО да ги пронајдат подметнувачите на пожарот во депонијата