(ВИДЕО) Бошкоски: Срамота е обвинителката да остане на обвинението кое падна на Апелација

Од:

– Барам во друга постапка обвинителката да биде обвинета за малтретирање и понижување на невини лица. Овде единствен човек кој денеска треба да биде обвинет е обвинителката – изјави Љубе Бошкоски на денешното повторно почнување на судскиот процес „Ровер“, кој падна на Апелација и повторно се врати во Кривичниот суд.

Обвинителката Лидија Раичевиќ – Вучкова пред почетокот на судењето изјави дека обвинението нема претрпено никакви измени и дека останува исто. Покрај Бошкоски, искази во судот дадоа и обвинетите Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Никола Илиевски и Гоце Митревски, кои ги потврдија претходно дадените изјави, дел од нив додавајќи дека не им е јасно за што се обвинети. Поранешниот министер за внатрешни работи побара од Судот доколку може да не присуствува на следните судења, бидејќи според него, судот и онака ќе донесе одлука надвор од судницата.

– Не знам зошто сум обвинет, дури ниту една повисока инстанца како Апелациониот суд не знае зошто сме обвинети. Многу талентирантата обвинителка се труди да докаже дека ние сме сториле кривично дело. Не го разбирам обвинението, а обвинителката нека си го земе обвинителниот акт и нека си го чита дома. Ова е злосторство против човештвото, ова ни Достоевски не би можел да го напише.

Библијата не упатува да ги почитуваме христијанските вредности, како и партијата на власт, па ќе се повикам на Евангелието на Павле во кое се вели дека „и за најголемото зло немојте да судите без најмалку 3 сведока“.

Со ова сакам да го инспирирам талентираното обвинителство да си најде уште 2 сведока. Во овој монструозно замислен процес не знам зошто не донесете ослободителни пресуди. Немојте на овој начин да бидете запишани во историјата. Јас сум спремен да робувам за Македонија ако треба и 80 години – изјави Бошкоски.

Одговарајќи на прашање на судот, Бошкоски како и останатите обвинети истакна дека не ги познава инволвираните во случајот, наречувајќи ги скопски уличари кои имале полза од него додека бил на функцијата министер за внатрешни работи, но не и тој нив.

Вратениот предмет „Ровер“ од Апелациониот суд повторно ќе продожи на 27 август. Со одлука на првостепениот суд, Бошкоски доби 12 години затворска казна за „психолошко помагање“ во убиството на Марјан Тушевски, а целата пресуда се темелеше на изјава на заштитен сведок, кој лично ништоне видел. Доживотен затвор, пак, добија Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се недостапни за органите на прогонот.

Петар Клинчарски

Би можело да ве интересира

Пресуда за Љубе Бошкоски: Не е виновен за „Ровер“

Васко Маглешов

ВИДЕО: „Ровер” повторно одложен – Љубе Бошкоски се шегуваше со обвинителката

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Бошкоски: Подготвени сме и ги очекуваме изборите

А1он

Наскоро ќе може да се слушнат првите звуци од Марс

„Ровер“ одложен за 4-ти јули

Ана Ололовска

ВИДЕО: „Ровер“ одложен, Пејковски уште го држи Бошкоски во Идризово

Ана Ололовска