Неколку стотици граѓани вечерва се собрани околу Градскиот трговски центар за да го искажат револтот против намерата на власта да го барокизира овој објект. Говоре архитекти, историчари на уметноста, познати скопјани.
– Сега сме на прагот да го загубиме ГТЦ, но се појави огромната љубов и желба да го спасиме ГТЦ и верувам ќе го спасиме, беше речено на собирот.
Го сакам ГТЦ зашто не е нашминкан со ефтина шминка, која се разлева на првиот дожд, тој е чист и добронамерен зашто е граден со љубов и добри намери.
Но како да се одбрани ГТЦ од оваа власт, која е оттуѓена од граѓаните, власт која не извира од граѓаните. Што мислите дали власта не’ слуша сега? Не не слуша, но не е ни битно, зашто ова не е наша власт, да беше наша власт немаше да дозволи да собираме во толкав број и да го браниме ГТЦ. Да е наша власт – ќе го слушнеше нашиот глас и ќе имаше малку повеќе љубов за нас и за ГТЦ.
ГТЦ е огледало на лошите намери оваа власт која што сака да го затвори и да го скрие ГТЦ. Да ни ги украде, засекогаш да ги загубиме спомените и меморијата на ова место во кое е вградена толку љубов, рече Донка Барџиева Трајковска претседател на Центар за културно наследство.
Таа даде предлог да се алармира меѓународната јавност и да се побара помош за спасувањето на ГТЦ, да се интернационализира проблемот со кои се судираат граѓаните на Скопје, бидејќи нашата влада нема слух. Таа предложи да се испрати декларација со текстот на професорот Хаџимитревски.