ВИДЕО: 30 странски адвокати во Скопје на дебата за правда во јавното здравство

Од:

Македонија доцни во однос на воспоставување на програми кои се поддржани од Владата и од државата и кои најсоодветно би одговориле на потребите на луѓето од маргинализираните групи, беше речено на вечерашнава меѓународна панел-дискусија за програмите за ефективна правда во јавното здравство „Неправдата е штетна по вашето здравје“ во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Програмата за јавно здравство на Фондациите Отворено општество.

Во светот, повредите на човековите права го загрозуваат јавното здравје. Полициското насилство и малтретирање, дискриминацијата, присилните медицински интервенции, и одбивањето да се пружат основни услуги се закана по здравјето и добросостојбата на маргинализираното население.

Решавањето на овие длабоко вкоренети неправди е од клучно значење за унапредување на здравјето.

– Ние секако дека доцниме зад државите како Канада, Обединетото Кралство или Холандија или Ирска и други држави во однос на воспоставување на програми кои се поддржани од Владата и од државата, а кои најсоодветно би одговориле на потребите и проблемите на луѓето од маргинализираните групи. Додека пак, во однос на одредени држави, како на пример, Русија и останатите републики од поранешниот Советски сојуз, можеби се наоѓаме во малку подобра позиција, бидејќи таму во целост се забранети ваквите програми за помош на лица кои употребуваат дроги, сексуални работници, трансродови лица и припадници на ЛГБТИ популацијата, рече Хајди Штерјова Симоновиќ, адвокат од Скопје.

Тамара Езер, заменик директорка за право и здравје при Програмата за јавно здравство на Фондациите Отворено општество во Њјуорк, истакна дека покрај другите припадници на маргинализираните групи, како сексуалните работници или трродовите лица, во Македонија Ромите, секојдневно се жртви на дискриминацијата и дека е потребно да им се даде правна поддршка, особено во здравствениот систем.

Бренда Белак, адвокатка од правната организација „Пивот“ од Канада говореше како оваа организација почнала да им помага на сексуалните работници во Ванкувер и се залагала за промена на законите во Канада со цел а добијат пристап до правда и да се вклучат во правно застапување за подобрување на здравјето. Константин Кожокариу, адвокат за човекови права од Романија рече дека Македонија е една од ретките земји во кои на трансродовите лица им е забрането сами да се изјаснат за својот идентитет.

Беше презентиран и новиот извештај „Правни програми за јавно здравство: Водич за добри практики“ кој содржи размислувања, предизвици и добри практики од осумгодишната поддршка за пристап до правни програми во контекст на здравјето. Настанот го отвори Христијан Јанкулоски, извршен директор на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

– Веруваме дека по оваа конференција дефинитивно ќе продолжиме со борбата за човековите права на загрозените групи, рече Јанкулоски.

Од Македонија говореше Наташа Бошкова, адвокатка од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“. Панел-дискусијата е дел од 4-та средба „Адвокатура на маргините“ која оваа година се одржува во Македонија од 24 до 27 август во организација на Фондацијата Отворено општество – Македонија, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Програмата за јавно здравство на Фондациите Отворено општество.

„Адвокатура на маргините“ е средба на адвокати и претставници на организации кои работат за социјална промена и кои веруваат дека законите се важна алатка која ќе придонесе за таа промена преку национално и меѓународно застапување.

На средбата присуствуваат адвокати од Канада, САД, Ирска, Македонија, Србија, Романија, Русија, Киргистан, Украина, Индија, Швајцарија, Кенија, Уганда, Танзанија, Мексико, Гватемала, Венецуела и Ел Салвадор. Целта на овој настан е размена на мислења, искуства и добри практики на адвокати од целиот свет кои работат со маргинализирани заедници, како и предизвиците со кои се соочуваат маргинализираните заедници во пристапот до правда на национално ниво.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Негативни коментари по дебатата на МРТ: „Ова не е дебата, туку квиз“

Јакимовски е против уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот

„Дами проверете се“ – Јавна дебата на ФОН за подигање на свеста за ракот на дојка

А1он

Анализа на Собрание: Половина пратеници говорат без аргументи, нема почит кон личноста на колеги од друга партија

Орце Костов

Одговорноста за врсничкото насилство е во целото општество и проблемот треба да се решава системски

Македонија на 63 место според „Индексот на владеење на правото“

А1он