Првообвинетиот во случајот „Пуч“ и поранешен директор на УБК, Зоран Верушевски, следната недела може да излезе на слобода доколку судот го прифати барањето на специјалното јавно обвинителство да му биде укинат притворот и да биде заменет со гаранција. Верушевски се наоѓа во притвор цела година откако беше уапсен во акцијата на МВР во јануари годинава.
Тој веќе беше осуден на затворска казна од три години затоа што при акцијата во неговиот дом бил пронајден службен пиштол, но казната не е правосилна. Неговиот притвор повторно е продолжен со одлука на Кривичниот суд, но одлуката може да биде прекината доколку се прифати барањето на обвинителката Катица Јанева.
Имено, Јанева побарала куќен притвор и одземање на пасошот на Верушевски како безбедносна мерка. Информацијата за „Прес24“ ја потврдија од специјалното јавно обвинителство.
„Ве известуваме дека од страна на одбраната за обвинетите предложено е укинување на мерката притвор и определување на гаранција, по однос на што, а постапувајќи по барање на Судот, ние дадовме позитивно мислење во кое појаснивме од кои причини сметаме дека постојат услови мерката притвор да биде заменета со гаранција. Воедно од наша страна предложено е и определување на мерки на претпазливост и тоа мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште или престојувалите и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа за поминување на државна граница“, одговориле од таму.
Маја Васева