Обвинетите во Пуч кои речиси една година се наоѓаат во притвор, Зоран Верушевски и Ѓорги Лазаревски, ќе излезат од затвор деновиве откако ќе стане правосилно решението на судот. Се очекува да бидат пуштени од притвор пред Нова година откако ќе се запазат потребните процедури.
Законот предвидува рок од три дена за доставување на жалби по одлуката на судот. Во меѓу време катастарот треба да го извести судот дека имотот понуден за гаранција е пријавен на име на обвинетите. Со оглед на тоа што обвинителот и одбраната можат да го известат судот дека нема да го обжалат решението, рокот може да се скрати и решението поскоро да стане правосилно. Во тој случај Верушевски и Лазаревски би излегле од притвор утре или задутре.
Со одлуката на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, мерката притвор се заменува со гаранција на имот, а изречени се мерки на претпазливост со кои ќе им бидат одземени пасошите на првите двајца обвинети во Пуч и ќе им биде забрането напуштање на живеалиштето, односно на град Скопје.