Поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски денеска беше осуден на тригодишна казна затвор за пиштолот кој беше најден во неговиот дом, по претресот извршен во јануари годинава.
„Ова е уште една потврда на се што беше наведено во извештајот на Прибе. Ова е потврда дека Република Македонија е држава во која недостасуваат стандардите на демократско владеење. Ова не е правда, ова е потврда за патологија“, рече Верушевски, обраќајќи им се на новинарите, иако судијката го прекинуваше со барање да не прави драма.
Судијката која ја изрече казната, рече дека пиштолот ќе се одземе и по правосилноста на пресудата ќе се врати на МВР.
Футролата од пиштолот, кој тој ја бараше како предмет од емотивно значење, беше речено дека судот дополнително ќе одлучи дали да му биде вратена.
Поранешниот директор на УБК беше уапсен на 23-ти јануари и се наоѓа во притвор повеќе од шест месеци. Според обвинението, Верушевски неовластено го држел пиштолот кој полицијата го најде кај него при претресот. Пиштолот марка Црвена застава е на МВР и е службен, но не го раздолжил откако му завршила функцијата како прв човек на УБК.
Во својата одбрана на претходните рочишта Верушевски тврдеше дека од МВР изминативе години знаеле каде е оружјето и никој од него не побарал да го раздолжи.
– Пиштолот е на полицијата и таа треба да си го побара назад, а не да апси за нелегално оружје, велеше тој.
Сведокот на обвинителството потврди дека не е временски ограничена потврдата со која е регулирано поседување на пиштолот. Верушевски и одбраната тврдеа дека станува збор за административно правни недостатоци на МВР и УБК. Браниелите со решенија од МВР докажуваа дека за ваков прекршок се одговара само со дисциплинска постапка.
Верушевски останува во притвор како првобвинет во случајот „Пуч“ каде се терети за неовластено прислушување, шпионажа и државен удар. На 5-ти август е закажано првото судско рочиште во овој случај во кој е обвинет и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Маја Васева