Велес пред нова еко-катастрофа: Троската од Топилница полна со олово ќе се дроби и меле пред да се извезува

Од:

Српската компанија “Кепс монт Груп” која досега го одлагаше и извезуваше опасниот отпад на црниот рид од Велешката Топилница , сега бара да отвори погон за дробење и мелење на троската пред да се извезува што предизвика силни негодувања кај граѓаните и еко-активистите во Велес.

На 25 ноември е закажана јавна расправа во хотелот „Глориус“ во 13 часот на која граѓаните ќе можат да го искажат своето мислење за новиот проект на концесионерот.

„Јавната расправа по низа чудни околности и лични договори на релација Општина- Фирма е закажана на 25 ти декември 2023 во 13 часот во хотел „Гарденија“ среде работно време, на десет километри од Велес, спротивно на закон и на последниот ден од истекот на законскиот рок. Последна надеж пред градоначалникот Марко Колев да го забие колецот на новиот рудник се граѓаните. Сите кои сте слободни, масовно да дојдете и да кажете „не“ на овие кои во изминатите четири години работеа во Велес и не направија ништо и наместо да ја дислоцираат троската сега го бараат здравјето на Велес.Градоначалниче Колев, ниту на сон немојте да ставате потпис на она што ќе биде извор на ново зло и смрт. Колев, немој да тураш пепел на тридецениската борба на велешани за живот во здрава и чиста животна средина“, реагира советникот во Општина Велес и еко-активист, Игор Смилев.

Министерството за животна средина и просторно планирање го одобри елаборатот за заштита на животната средина за проектот „Експлоатација на техногена минерална суровина на локалитетот Баш Kолиби со поставување на постројка за дополнителни активности на дробење и мелење на ТМС во општина Велес“. Со тоа, концесионерот доби зелено светло да воведе уште две дополнителни активности за обработка на техногената минерална суровина за да може полесно да ја извезе.

Сепак, во октомври на концесионерот му истече Б-интегрираната дозвола која ја издава Општината Велес. Фирмата на 15 ноември 2023 побара “Б” интегрирана еко дозвола за работа во следните четири години, но покрај обновувањето побарал и измена на документот, односно дозвола за експлоатација на техногена минерална суровина со поставување на постројка за дополнителни активности на дробење и мелење на локалитетот „Баш колиби“.

Компанијата „Кепс Монт груп“ речиси четири години има концесија и Б-интегрирана дозвола за да ја расчисти опасната депонија полна со метали, но сепак досега се извезени помалку од 500 тони. Сега, од „Кепс Монт груп“ сметаат дека подобрата подготовка на суровината уште во Велес, ќе овозможи побрзо да се продаде.

На депонијата има околу два милиони тони троска, од кои голем дел се остатоци од металите обработувани во топилницата. Отпадот треба да се продава како техногена минерална суровина со оглед на тоа дека содржи околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.

Иако тополницата не е активна 20 години, последиците од троската се огромни, а во отпадот има високи концентрации на цинк, олово и жива. Почвата е многу интензивно загадена и предизвикува контаминација на подземните води и почвата, а со тоа и на овошјето, зеленчукот и житариците кои растат во регионот.

Би можело да ве интересира

Кривична пријава за директорка на градинка во Велес, конкурирала со лажен сертификат

Бочварски од Велес: Вложивме 1,1 милион евра за подобрување на локалната патна инфраструктура во градот

Орце Костов

Советници во општина Велес од свој џеб купиле стакло за масата за венчавки во матичното

Орце Костов

Голема полициска акција во Велес, затекнати дилери на дрога

А1он

Условни казни за тинејџерите кои во Велес нападнаа полицајци

А1он

Уапсена жената која ограби починат човек во Велес

Орце Костов