Уште еден изгубен ден од преговарачкиот процес за изборниот законик, бил вчерашниот, откако претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, на почетокот од средбата побарале пауза, која траела до вечерта.
Откако решиле повеќе да не чекаат, останатите партии ја прекинале средбата по полноќ и се разотишле без никакво поместување во преговорите.
Од тие причини извори од преговарачкиот процес, не очекуваат ниту денеска да биде постигнат некаков договор.
Од опозицијата предупредуваат доколку се изигра договорот од Пржино ќе продолжат со проектот Вистината за Македонија. Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ претходно најавија дека во спротивно нема да го поддржат гласањето на министрите.
Она што треба да не загрижува е извештајот на Европската комисија.
Што и да се случува ваквото неодговорно одложување ќе има ужасни последици на извештајот. Не сме ние тие што бегаат од фер и демократски избори, единствената партија што работи да нема фер и демократски избори е ВМРО-ДПМНЕ, велат од опозицијата.
Од таму додаваат дека е целосно неприфатливо за нив да се одложи датумот за избори наредната година. Засега партиите успеале да се договорат само околу избирачкиот список, но остануваат отворени останатите прашања, за прашањата за дијаспората се уште нема приближување на ставовите.
Европските делегати дале предлози кои што се во линија на препораките од ОБСЕ и ОДИХР, но кои владејачката партија не ги прифатила. Еден таков предлог е промена на цензус со постоечките избирачки единици, така што пратеник во дијaспората да се бира со извесен процент од бројот на гласови потребни за пратеник во Македонија.
Вториот предлог бил гласовите на иселениците да се бројат во Македонија, така што дијаспората би гласала, но не би имала свој претставник во парламентот.
Од опозицијата велат дека е веќе отфрлена идејата членовите на ДИК да гласаат со примена на Бадинтер. Ова велат, е бесмислена безобразна лага од страна на провладините медиуми. Договорено е ДИК да гласа со апсолутно мнозинство. Доколку нечие право е прекршено да постои можност ДИК повторно да ја разгледа одлуката.
На маса е ставено и прашањето за буџетите на партиите во изборна кампања. Опозицијата бара намалување на парите по гласач што една партија може да ги потроши. Од 180 денари за гласач, сумата да се сведе на помалку од половина.
Што се однесува до медиумите, освен тоа што е договорена забрана за медиумите да бидат донатори на кампања, се преговара и за балансирано информирање на јавниот сервис, за забрана за рекламирање на политичките партии пред изборната кампања и за забрана на владата да се рекламира во сите медиуми се до изборите.
Извори од преговорите велат дека законското решение што го предложиле посредувачите, било во голем дел составено од предлозите кои што веќе биле понудени на преговарачката маса, но и покрај тоа претставниците од ВМРО-ДПМНЕ изреагирале шокирано, поради што вчерапобарале пауза.
Маја Васева