Со нетрпение го очекуваме Самитот ЕУ-Западен Балкан идната седмица во Словенија. Западен Балкан е клучен приоритет за Европската комисија, иднината на регионот е во ЕУ. Разговаравме како да го придвижиме напред процесот на проширување преку отворање преговори за членство со Северна Македонија и со Албанија.
Вака се огласи на „Твитер“ еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој денеска беше во посета на Скопје, по средбата со премиерот Зоран Заев.
– Среќен сум повторно да го посетам Скопје за сеопфатни разговори со премиерот Зоран Заев. Се согласивме брзо да почнеме да ги спроведеме првите најважни проекти од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, со цел да го поттикнеме економскиот развој во Северна Македонија и регионот во ЕУ, напиша Вархеји на „Твитер“.
Во исто време и премиерот Заев на „Твитер“ објави дека се сретнал со Вархеји, со кого, како што напиша, отворено разговарале за неколку теми како што е економскиот инвестициски план, кој е навистина силен позитивен импулс за нас, до конкретни проекти кои ќе бидат објавени до крајот на годината.
– Една од темите на разговор ни беа и подготовките кои ни претходат за претстојниот самит Западен Балкан во Словенија следната недела каде ќе имаме одличен простор за заедничка дискусија. Европскиот пат е важен за двете страни и за Северна Македонија и за ЕУ и посветени сме на тој процес, напиша премиерот Заев на „Твитер“.
Од Европската комисија пред посетата на Вархеји на Скопје посочија дека еврокомесарот е во комуникација со сите релевантни страни во однос на дискусијата за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро.
Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде што со претседателот Румен Радев и техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев разговараше за отстранување на бугарската блокада за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Посетата на Вархеји на Скопје следува еден ден по посетата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која на разговорите со властите во земјава исто така разговараше и за прашањето со Бугарија и неговото надминување. Таа изрази уверување дека е можно надминување на блокадата од Софија и одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на годинава.