Во интерес на сите граѓани на Република Македонија е да се продолжи со имплементација на прашањата опфатени во Договорот од Пржино, со цел да не се загрози интеграцијата на земјата во НАТО и во Европската унија, соопшти попладнево белгискиот експерт Питер Ванхауте, кој посередува во разговорите меѓу партиските работни групи за спроведување на Договорот.
– Земајќи ги во предвид последните случувања, Политичката работна група се договори да се фокусира на билатерални средби, со цел да се решат двете клучни прашања: изборот на преостанатите јавни обвинители во Јавното овинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, како и именувањето на министри и заменици министри во Владата. Откако ќе се постигне договор, ќе се свика средба со Политичката работна група која официјално ќе ги одобри одлуките кои се донесени за време на билатералните средби. Сметаме дека треба да се избегне какво било одложување на спроведувањето на Договорот. Во интерес на сите граѓани на Република Македонија е да се продолжи со имплементација на прашањата опфатени во Договорот, со цел да не се загрози интеграцијата на земјата во НАТО и во Европската унија, вели Ванхауте.
Во соопштението е наведено дека во текот на следниот период Ванхауте нема да дава изјави за медиумите, а доколку има прогрес во преговорите ќе бидат известени на мејл.