Утре во кривичниот суд почнува судењето за првиот предмет на Специјалното јавно обвинителство поврзан со објект од проектот на претходната власт „Скопје 2014“.
Првообвинета е ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, за местење тендери за изградба на Музејот на ВМРО, односно на Музејот на внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим. Второ и третообвинетите се членови на Комисијата за јавни набавки.
Според обвиниението, пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки пред да се донесе одлуката за потребата од јавна набавка, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Ексминистерката наложила да ги изведат и сите работи што произлегувале дополнително и кои не биле опфатени во договорот за јавна набавка и анексите, со што немало да се чекаат дваесетина дена за спроведување на новата јавна набавка. Канческа претходно договорила преку второобвинетата во Комисијата за јавни набавки, кога ќе се објави огласот, договорот да го добие „Бетон“ од Штип.
СЈО тврди дека трите обвинети ја злоупотребиле службената положба и овластувањето. За првите 2 обвинети СЈО бараше притвор, но судот, наместо тоа, им ги одзеде пасошите и им наложи редовно да се јавуваат кај шалтерски службеник. Канческа-Милевска поднесе и барање за заштита на законитоста за судот да ѝ го врати пасошот, но Обвинителството ја упати кон СЈО, кое ја одби и не го достави барањето до Врховниот суд. Предметот ќе го суди Осман Шабани, судијата од одделот за организиран криминал и корупција.
В. Маглешов