Почнува лов на пратеници: Џафери има право во недоглед да не го закажува гласањето

Од:

Собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина работата на седницата за уставни измени откако се исцрпи дискусијата, но не го стави предлогот на гласање како што претходно му побара координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, да ја стави точката на гласање за да се види колку пратеници има власта за отворање на Уставот.

– Констатирам дека претресот е завршен. Ја прекинувам работата со оваа седница, а за продолжувањето ќе бидете дополнително известени – рече претседателот Џафери.

Она за што претходно објави „А1он“ се оствари, односно дека Џафери ќе ја отвори дискусијата, но седницата и гласањето ќе ги одложи за период “кога ќе се создадат услови“.

„А1он“ дознава од извори во Собранието дека Џафери нема да закаже продолжување на седницата се додека владејачкото мнозинство не биде сигурно дека има 80 пратеници потребни за гласање за отворање на Уставот, што е негово деловничко право, а тоа сигурно нема да се случи пред 29 август до кога тој им дал на пратениците да користат слободни денови.

На тој начин процедурата може да трае со месеци, теоретски дури и до крајот на мандатот на овие пратеници, но со огромен ризик ако не се донесат дотогаш измените, целата процедура за менување на Уставот да се поништи со самото распуштање на Собранието.

Психолошките рокови на власта се некаде до крајот на ноември кога ќе стигне извештајот од скринингот. Ако дотогаш не се донесат уставните измени, власта стравува дека Албанија и Македонија ќе бидат разделени во процесот на преговорите, односно тие ќе продолжат, а ние не.

Власта побара поддршка од опозициските пратеници за отворање на Уставот, но досега ниту еднаш не ја потврди бројката на пратеници од парламентарното мнозинство кои ќе гласаат за процесот на внесување на Бугарите иако се шпекулира со 72 гласа.

Претходно „А1он“ пишуваше дека двајца пратеници на СДСМ нема да кренат рака за отворање на Уставот, а денес во Собранието не беше пратеникот на СДСМ, Диме Велковски.

Одлуката за пристапување кон измена на Уставот ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, односно со 80 гласа. Доколку не е присутно потребното мнозинство, постапката не може да продолжи.

Уставните измени со вметнување на Бугарите во Преамбулата се услов да ја почнеме втората фаза од преговорите со Европската унија, а произлегоа од францускиот предлог за кревање на бугарското вето во кој билатерниот протокол со Бугарија беше вметнат во преговарачката рамка.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште