Преносите од натпреварите од првата македонска фудбалска лига на површина ги изнесоа проблемите со кои се соочува фудбалот во Македонија. Ако се тргне настрана фудбалската игра, очајната инфраструктура се издига како една од главните пречки во развојот на мак фудбалот.
Владата и Агенцијата за млади и спорт најавуваа стотици нови фудбалски терени, развој на фудбалот, спортски бум во државата. Но состојбата денес е ваква – само на неколку од фудбалските игралишта се сечеа и ленти, дел од нив останаа започнати, а поголем дел се само проект на хартија.
Како и да е, со исклучок на националната арена, веројатно заборавени од сите останаа стадионите на кои се игра најквалитетната по ранг фудбалска лига во Македонија.
За нив нема ниту владин проект, нема никакви најави ни од ФФМ, а споствениците веројатно соочени со финансиски проблеми не ни помислуваат на нивно реновирање и осовременување.
Во рамките на програмата Македонската Телевизија ја внесе и првата македонска фудбалска лига – на програмата беше мечот Силекс – Вардар, а се одеше со вклучувања и на останатите мечови.
Сите 5 стадиони кои ги прикажаа низ преносот беа во очајна состојба. Стадионот на Силекс наликуваше на ливада засадена со детелина, за тревата на другите стадиони не вреди и да се коментира. И се додека така изгледаат стадионите низ Македонија, нормално е да очекуваме да бидеме фудбалски инфериорни во европски рамки.
Условите за тренинг но и натпреварување се еден од клучните фактори кои влијаат на играта и атрактивноста. Ископаните терени, сувата трева и лошите трибини се реалноста во мак фудбалот.
Во поглед на стадионите можеме да се споредуваме единствено со “гладните“ афрички земји. Но состојбата и кај нив е веројатно подобра бидејќи скромните стадиони се полни до последното место (можеби и повеќе од тоа).
Но од катастрофалната состоба мора да се бара излез, затоа можеби е потребно да направиме споредба на македонските стадиони низ внатрешноста – со стадион од 5-тата по квалитет лига во Англија. Повеќете тимови во Conference National лигата во Англија имаат мали, но убаво уредени стадиони. Еден од нив е стадионот Nene Park кој е прикажан на сликата.
Стадионот “Nene Park“ се наоѓа во мало градче во централна Англија (градчето има популација од нешто повеќе од 6000 жители). Истиот има капацитет од околу 4000 седишта и може да послужи како пример за тоа како би можело да изгледа и еден мал стадион во градовите низ Македонија (Штип, Кратово, Битола…).
Македонскиот фудбал останува во надеж дека во догледно време ќе добие стадиони барем налик на петтолигашите во една Англија. Останува да видиме дали новите структури во ФФМ ќе започнат и со решавање на овој горлив проблем.
Влатко Аврамоски