Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска по повод 9 Јули – Светскиот ден на борбата против мало и лесно оружје присуствуваше на уништување на запленето оружје и разни видови дрога кои потекнуваат од случаи за коишто веќе се донесени правосилни судски пресуди.
Во печките на „Југохром“ во тетовско Јегуновце, Тетовско, беа уништени 782 парчиња разновидно оружје, од кои 625 разни видови пушки, 156 парчиња пиштоли и 15 парчиња ладно оружје. Уништени се и околу 250 килограми дрога, од кои 187,3 килограми марихуана и 48 килограми хероин, 447 стебла канабис и 930 ампули „диазепам“.
– Во текот на изминатиот период МВР постигна извонредни резултати во откривањето и расчистувањето на случаи од недозволено производство и употреба на разни видови дрога. Според статистичките податоци, во текот на втората половина од минатата 2013 година и првите шест месеци од оваа, откриени се вкупно 625 кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога од кои 479 се кривични дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори и 146 кривични дела овозможување употреба на наркотични дроги и за овие две категории се пријавени вкупно 767 сторители, рече Јанкулоска.
Според претставничката на УНДП Луиза Винтон, со секое уништено оружје се спасува еден живот повеќе, а денеска во земјите од регионот Косово, Црна Гора, БиХ, Албанија и Србија ќе бидат уништени околу 5.000 различни парчиња оружје, а од 2002 досега на ниво на Западниот Балкан уништени се 75.000 различно оружје.
– Во соработка со ЕУ во следните три години на овој простор треба да бидат уништени 165.000 разни видови оружје, рече Винтон.
Според Роберт Лидл, претставник на мисијата на ЕУ во Македонија, уништувањето на оружјето и дрогата е добробит за целото општество. ЕУ има долгогодишна стратегија во оваа насока што опфаќа не само уништување, туку и складирање, пренесување и слично со оружјето.