Уметникот Станојковиќ бара од државата делата на Шарената револуција да се прогласат за културно наследство

Од:

Ликовниот уметник Сашо Станојковиќ доставил барање до Управата за заштита на културното наследство колоритните интервенции на Шарената револуција итно да ги прогласи за културно наследство.

– На 12 мај годинава. поднесов предлог-барање до Управата за заштита на културното наследство со главна цел: препознавање, зачувување како и итно прогласување за културно наследство на колоритната интервенција врз спомениците и објектите од проектот „Скопје 2014“. Главна мотивација за мојата иницијатива беше опасноста од уништувањето на оригиналниот уметничко-партиципативен протестен проект наречен „Шарена револуција“ што го иницираа илјадници граѓани на Република Македонија, вели Сашо Станојковиќ.

Според него, за разлика од самите објекти кои се веќе заштитени, проектот на Шарената револуција останува незаштитен и изложен на различни влијанија и случајни и намерни оштетувања и покрај неговата исклучителна општествено-културна вредност.

– Со предлог-барањето иницирав заштита на колективните партиципативни интервенции кои со стохастичен, но препознатлив ликовен јазик и со учество на многу субјекти при изведбата за прв пат овозможија директно демократска партиципација на граѓаните во институционалната критика на државната културна политика. Посебна вредност на проектот е ангажираноста за општествени промени што предизвика будење на граѓанската свест за подеднакво право на градот и за солидарност меѓу припадниците на различните етнички заедници, партии и интересни групи. Оттаму произлезе и итноста на мојата иницијатива, вели Станојковиќ

Документот со сите информации за причините и аргументите кои го навеле на една ваква иницијатива за итна заштита и зачувување на трагите од „Шарената револуција“ е кај надлежните институции до кои е поднесено барањето.

Станојковиќ досега не добил одговор од надлежните за ова негово барање.

– Освен некои основни информации за легислативата според која во 2015 беше обезбедена заштитата и сатутот на културни споменици на некои објекти од проектот „Скопје 2014„ (кои овие институции се обврзани да ги достават според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер).

Предлог-барање со истата содржина Сашо Станојковиќ доставил и до НУ Конзерваторски центар – Скопје.

– Оваа институција ми беше посочена како надлежна за „доставување предлог како и за валоризација односно вреднување на одредена недвижност која ќе се прогласи за културно наследство на подрачјето на град Скопје и општините кои се во состав на град Скопје“, вели уметникот.

Сашо Станојковиќ и е познат на македонската јавност со своите општествено ангажирани дела кои се презентирани во Македонија и во странство.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Шарените револуционери Савески и Куновски одново на обвинителна клупа

Васко Маглешов

По 3 години ќе се чисти бојата од шарената револуција на Јавното обвинителство

ВИДЕО: Најчевска казнета со 200 евра за фрлање боја

Сандра Бошковска

(ВИДЕО) Богоевски: Не давам оставка, јас сум легитимен претставник на Шарената револуција

Наум Локоски

Повторно одложено судењето за Мариглен Демири, следното рочиште закажано догодина

Наум Локоски

Скопските обвинители ги одлагаат рочиштата за шарената револуција

Ана Ололовска