Учениците се враќаат на настава, во оваа учебна година првпат ќе имаат и пролетен распуст

Од:

За над 200 илјади основци и средношколци денеска почнува учебната 2023/2024 година која, со одлука на Владата, првпат ќе заврши на 17-ти наместо на 10 јуни. Покрај зимскиот, учениците ќе имаат и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024.

Согласно Концепцијата за основно образование, која етапно се применува од 2020-та, во оваа учебна година по нови наставни програми ќе учат учениците во трето и во шесто одделение и поради тоа се изработуваат нови учебници.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера соопшти дека доцнење ќе има само на учебниците за шесто одделение кои се во фаза на одобрување и очекува да бидат испорачани во текот на септември.

Покрај пролетниот распуст и продолжената учебна година, новина е и примената на нов е-дневник, изготвен со поддршка на ЕУ преку ИПА-фондови. Тој е во фаза на тестирање и, како што соопшти Шаќири, паралелно се прават обуки на администрацијата во 40 училишта во кои ќе се примени како пилот-проект додека се потврди неговата функционалност.

Во новата учебна година ќе има и нови безбедносни мерки во училиштата. Шаќири соопшти дека со Министерството за внатрешни работи ги дефинираат, како што рече, „потребните насоки за сите училишта и сите ќе бидат известени од страна на МВР“.

По денешниот старт на учебната година, наставата ќе трае до 29 декември кога завршува првото полугодие. Од 30 декември учениците ќе бидат на зимски распуст, а второто полугодие од оваа учебна година ќе го почнат на 22 јануари.

Би можело да ве интересира

Повици за парични награди за освоени медали на научни олимпијади и за први три места на меѓународни натпревари по математика и природни науки

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Објавени се резултатите од конкурсите за доделување ученички стипендии за учебната 2023-2024

Објавени повиците за финансиска поддршка за ученици и студенти

Катерина Ѓуровски

Касами го обвини Министерството за образование дека не ги исполнува обврските кон тетовската гимназија

Шестоодделенците ќе учат од прирачници, другите учебници се испечатени и се испорачуваат информираше МОН

Орце Костов