Тупанчески молчи за барањата за разрешување, опомената на Грковска не го промени неговото однесување

Од:

Министерот Никола Тупанчески молчи за барањата за негово разрешување, како и за неотповиклива оставка. Иако вицепремиерката Славица Грковска веќе писмено го опомена дека не е доволно транспарентен, тој ја продолжува истата пракса. Неодговорени мејлови и СМС-пораки со прашања поставени до Тупанчески стојат во неговиот кабинет со недели. Меѓу последните, се и дилемите на јавноста, зошто министерот ја излажа јавноста дека ги платил трошоците за патувањето во Палермо, па потоа, призна дека Фудбалската репрезентација на Македонија го честела лет и билет за на трибини. Праксата на Тупанчески да не одговара пред јавноста е кон повеќе медиуми.

Досега, министерот за правда имаше повеќе контрадикторни изјави во јавноста. Се почна со плаќањето за патувањето. Тој најпрво изјави: „Јас ги платив трошоците“, за потоа, за „А1он“ да признае дека платил само аранжман односно сместување. За денот кога ја добил фактурата, Тупанчески рече дека било пред да отпатува на 24.март. Но на овој датум, министерот веќе беше во Палермо, Италија. За рокот на плаќање, во изјавата за „А1он“ прво рече дека е седум дена, што би значело до 31.март. Во истата изјава, дадена на 5. април кажа: „Подмирена е на 28, а рокот е до наредниот четврток“.

Министерот исто така до два наврати кажа и две различни верзии за тоа како успеал да стигне до авионот на ФФМ. Нејасно е дали тој отпатувал бидејќи сам барал или добил покана.

„Како јас се најдов во авионот и така натаму? Претпоставувам тоа ви е прашањето. Или како? Значи фудбалската репрезентација јас ги замолив и нив да направат, да дадат на кој начин ги бираат луѓето кои одат, ја придружуваат репрезентацијата“, кажа првично Тупанчески во „Трилинг“ емитувана на 1. април.

Седум дена подоцна, во гостување во „Клик плус“ тој вели: „На покана на Фудбалската федерација, јас присуствував на натпреварот.

Засега, Тупанчески остана неказнет за лагите во јавноста и патувањето во Палермо на сметка на ФФМ. Тоа беше одлука на вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска. Откако Тупанчески и ги доставил податоците кои ги побарала, Грковска му испрати писмена опомена поради недоволната транспарентност кон новинарите односно јавноста. „А1он“ праша, но не доби одговор, дали ќе се побара одговорност и за тоа што прво кажа дека ги платил сите трошоци за патувањето, по што ја промени изјавата и рече дека не платил за чартер-летот и билетот.

Барања за разрешување на Тупанчески дојдоа и од стручната фела. Професорката Мирјана Најчевска јавно посочи: „Тупанчески не треба да поднесе оставка. Тој треба да биде веднаш разрешен, а Ректоратот на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ треба да расправа за достоинството на професијата и нарушувањето на етичкиот кодекс на Универзитетот“, а откако на министерот му беше врачена опомена, таа се смееше и додаде: „А лепенче со пчеличка на рачето му ставиле? Мислам да не се расплаче. Гонете се бре“.

Аферата за Тупанчески, кој на трибините навиваше заедно со јавната обвинителка Фатиме Фетаи и судскиот претседател Лазар Нанев, изби откако камерите ги прикажаа како навиваат од ВИП-трибина. За Нанев и Фетаи се води постапка во Советот на јавни обвинители, односно Судскиот совет.

Би можело да ве интересира

Седум клубови во македонскиот фудбал под истрага за местење на натпревари

Орце Костов

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

Орце Костов

Лога: Очекувам брза екстрадиција, списите денеска ќе ги пратиме по електронска пошта и преку амбасадата

Александар Тодески

Обвинителството реагира до Лога: Дел од забелешките за Извештајот се неточни, Јовески е спремен да одговори согласно закон

Александар Тодески

Министерство за правда: Законот за амнестија нема да се носи со европско знаменце

Горан Наумовски

Министерството за правда ќе врши надзор над системот за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства