Половина час откако почна седницата за дисциплинската комисија во Државниот просветен инспекторат, на која се расправа за постапката на инспекторот Ѓорѓи Илиевски, се појави обезбедување и ги замоли новинарите да не чекаат во ходникот.
Обезбедувачот рече дека за да ги пушти новинарите на седницата и да чекаат во ходникот требало писмено известување, кое не било стигнато.
Обезбедувањето од МВР на новинарите кои седеа во ходникот и чекаа да заврши седницата, откако претходно не беа пуштени, им рече: „Тргни ги новинарите, ми кажаа“.
Претходно, портпаролот Јане Николовски, прокоментира дека не му е јасно кој ги пуштил новинарите во зградата, кога ќе имало изјава по седницата.
Претседателката на дицсиплинската комисија Валерија Анастасова се расправаше со новинарите и рече дека не е дозволено да присуствуваат на седницата на која се расправа за одговорност на инспекторот Илиевски.
Постапката ја покрена Африм Саљиу, раководител на секторот за високо образование, а дисциплинската постапка за утврдување дисциплинска одговорност е испратена со потпис на директорот на ДПИ, Томе Спировски.