Тренчевска: Жителите на Општина Боговиње за прв пат добиваат нова градинка

Од:

Жителите на Општина Боговиње за прв пат добиваат нова градинка, во која ќе бидат згрижени 87 деца од оваа општина. Новата градинка е изградена по највисоките стандарди, вклучувајќи и високо ниво на енергетска ефикасност, со што на децата ќе им се овозможи пристап до квалитетна услуга.

Градинката ги има сите современи услови за одржување на соодветна воспитно образовна дејност за децата од предучилишна возраст преку концептот – учење преку игра. Оваа градинка е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика. Изградбата на градинките е дел од активностите од Компонента 2 од Проектот, а целта е да се зголеми пристапот до социјалните услуги за ран детски развој со посебен акцент на децата во социјален ризик, децата со посебни потреби и децата од ромски семејства. Проектот е поддржан од Светската банка.

„Еден од најважните приоритети на оваа Влада е подигнување на квалитетот на социјалните услуги, а дел од нив е и грижата за децата и градење на систем за обезбедување згрижување и квалитетен развој. Сега, плодовите од изградба на тој систем се веќе видливи и не се повеќе идно, туку сегашно време, а во сегашното време за резултатите најдобро говорат насмеаните лица на родителите, децата и воспитно-образовниот кадар. Денес сме многу горди бидејќи во општината Боговиње за прв пат жителите добиваат пристап до квалитетна социјална услуга во близина на местото на живеење. Тоа значи поквалитетен живот за сите, а особено за најмладите, кои добиваат можност за современ детски развој. Покрај тоа, оваа градинка е пример за еднаков пристап и грижа за сите жители, независно дали се работи за поголема или помала општина, што е цел на социјалната реформа“, истакна Јованка Тренчевска министер за труд и социјална политика.

Досега децата од оваа општина беа згрижувани во блиските општини, а најмногу во градинките во Тетово, што претставуваше проблем за жителите од Боговиње.

„Навистина сме среќни што денес на нашите жители им соопштуваме убава вест, вест со која во голема мерка ќе се подобри квалитетот на живот. Од сега нашите жители нема да мора да се грижат каде ќе ги носат децата додека се на работа, а нашите најмлади жители добиваат нова модерна градинка која ќе им овозможи уште поубави детски денови. Ние ќе продолжиме да работиме на унапредување на животот во нашата општина на задоволство на сите“, истакна Бесник Емшиу, градоначалник на општината Боговиње.

Афердита Имери директорка на градинката „Јета“ во Боговиње на промоцијата на оваа нова институција истакна:

„Градинката нуди современо згрижување на дечињата од предучилишна возраст. Нашиот кадар е стручен и високо мотивиран, а ќе понудиме и инклузивен пристап и за децата од ранливите категории, како и за децата со посебни потреби.“

Воспитно-образовниот кадар од градинките преку проектот поминаа низ модулите за едукација и стручно усовршување. Низ овој процес досега минаа вкупно 1366 воспитувачи од повеќе градинки низ земјата, што се дел од проектот.

Проектот за подобрување на социјалните услуги е поддржан од Светската банка. На промоција на новата градинка во Боговиње присуствуваше и претставничката на Светска банка Бојана Нацева, виш советник за образование. На настанот Нацева истакна:

„Човечкиот капитал е најважниот ресурс за една земја и игра суштинска улога во промовирањето на растот и развојот. Инвестирањето во човечки капитал уште од раното детство дава најповолни резултати и води кон доживотни и меѓугенерациски придобивки. Токму затоа развојот на социјалните услуги кои ќе овозможат еднаков пристап за сите е од исклучително значење. Оттука, навистина ми претставува големо задоволство што денес имам можност да присуствувам на промоцијата на новата градинка која, сигурна сум, ќе биде сведок на многу весели детски денови. Дополнително ова е потврда на целисходноста на Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој е поддржан од Светската банка и е мотив да продолжиме да поддржуваме вакви проекти и во иднина.“

Во рамките на Проектот што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, е предвидена изградба, реконструкција и надградба на 16 градинки од кои 4 веќе почнаа со работа. На тој начин се обезбедува капацитет за повеќе од 1900 деца во повеќе градови и населени места.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Левица: Министерот Лимани ги остави градинките во Струга без кадар

Горан Наумовски

Велковски: Буџетот на МТСП оштетен над 2,5 милиони евра

Во Скопје речиси 50 отсто од децата се невакцинирани со ди-те-пер

A1on

Здравствениот инспекторат ќе ги контролира вакциналните потврди за градинка, министерот ги прифати препораките

Катерина Ѓуровски

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

A1on

Училиштата и градинките ќе плаќаат за 35 отсто поевтино парно, Регулаторот ги намали сметките

A1on