Под влијание на топла воздушна маса од југ, од денеска и во следните денови времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината. Во следните денови во повеќе места температурите ќе бидат над 35 степени. Најтопло ќе биде в четврток и в петок кога температурата на места ќе го надмине и 40-тиот степен и ќе биде активирано портокалово, а во некои делови и црвено ниво на опасност од високи температури.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени. УВ индексот ќе изнесува 9. Во Скопје, слично време, сончево и многу топло со мала облачност и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Во насока на справување со најавените високи температури, Црвениот крст во соработка со Град Скопје од денеска ќе почне со теренски активности. Мобилните екипи составени од волонтери од тимот за одговор при катастрофи од петте општински организации во Скопје ќе патролираат низ градот и ќе дистрибуираат вода и информативни летоци наменети за граѓаните.
Од Црвен крст соопштија дека ќе бидат ангажирани 16 волонтери распоредени во четири тима со четири возила. Почнувајќи од денеска, се до 25 јуни мобилните тимови имаат предвидено дистрибуција на 800 шишиња или 400 литри на дневна основа.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предупредува дека најавеното зголемување на дневните температури ги зголемува ризиците од труење со храна и претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните. Во однос на храната, за да се спречи евентуално труење, треба да се направи правилен избор при набавката, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за нејзино чување.
АХВ ги потсетува граѓаните да купуваат храна од проверени места, каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.
-Да не се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото, јајцата и други производи, по пазарењето да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства. Да не се купува разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач. Во фрижидерите храната да се чува на температура пониска од пет степени и тоа на најгорните полици зготвената храна, а на подолните суровата. Термичката обработка на храната да се врши на температура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат, препорачува АХВ.
Според Агенцијата, ако се јаде во угостителски објекти, треба да се внимава тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна да се избегнува користење додатоци кои не стојат во ладилник како: мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи.
-Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја, потенцира АХВ.
Во однос на животните, Агенцијата истакнува дека високите температури се стрес кој може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.
-Високиот процент влага и недоволната вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на животните на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаи доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата. Забрзано и плитко дишење, несигурен од – (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните. Во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно свеж воздух, да му се даде доволна количина свежа вода, наведува АХВ.
Телесната температура, додава, треба да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да биде постепено. На животните треба да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода и престој во проветрени простории.
-Фармерите да внимаваат на густината на населеност во објектите. Животните да не се изложуваат директно на сонце, особено во најтоплите периоди од денот и за нив да се обезбедат натстрешници, или природни ладовини. Животните да се пуштат на пасење во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот, или животните да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски, напоменува АХВ.
Агенцијата порачува и сопствениците на домашни миленици животните да не ги оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце и задолжително да водат сметка и да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот.