Токсикологот Беќаровски бара пулсоксиметри за заразените со Ковид-19 што се лекуваат дома, за Филипче тие се болничка опрема

Од:

За да се намали смртноста на болните од Ковид – 19 кои доцна доаѓаат во болница, токсикологот Нико Беќаровски смета дека треба да се набават пулсоксиметри за пациентите кои се позитивни на вирусот, а се лекуваат во домашни услови. Пулсоксиметарот го мери нивото на кислород во крвта и пулсот. Беќаровски вели дека е едноставен за употреба, оти само се става на прст и за неколку секунди покажува колкав е процентот на заситеност на крвта со кислород и колку е пулсот, како два есенцијални параметри за влошување на состојбата.

„90% од болните со Ковид-19 се лечат во домашни услови, со онлајн консултација со својот матичен лекар. Со само 100.000 евра може да се купат 10.000 вакви апаратчиња кои би се давале на сите болни кои се лечат дома. Пациентите трипати дневно би ја мереле оксигенацијата и пулсот и при пад на параметрите веднаш би го алармирале својот надлежен лекар. По оздравувањето, истиот би бил вратен и дезинфициран за следните болни, а на крајот од пандемијава би им се поделиле на сите заболени со Астма и ХОББ. Со само 100.000 евра можеби можат да се спасат стотици животи“, предлага Беќаровски.


Пулсоксиметарот се става на прст и за неколку секунди покажува колкав е процентот на заситеност на крвта со кислород и колку е пулсот, како два есенцијални параметри за влошување на состојбата, вели Беќаровски

Предлогот Беќаровски го објави на социјалните мрежи. Вели дека не го доставил, ниту пак планира да го достави официјално до колегите во Министерство за здравство ниту пак во Комсијата за заразни болести.

„Предлогот не сум го доставил до ниту една комисија. Тие читаат и следат сѐ што пишувам“, вели Беќаровски за „А1он“.

Министерот за здравство, Венко Филипче, смета дека пулсоксиметри не може да им се поделат на лицата позитивни на Ковид-19 кои се лекуваат дома.

„Оксимерите се болничка опрема и не се наменети за домашно лекување“, вели министерот Филипче за „А1он“.

Тој не одговори конкретно на прашањето каде и под кои услови позитивните лица на вирусот кои се лекуваат дома може да го измерат нивото на кислород во крвта. Објасни дека здравствената состојба на заболените треба да ја оцени лекар.

„Најдобрата проценка за состојбата на пациентот ја прави лекарот. Само лекари може да оценат дали состојбата на пациентот е влошена и бара хоспитализација или терапија. Кислородната сатурација е само еден од елементите кои укажуваат на влошување, но тие мора да се земат во комбинација со целокупната клиничка слика, лабораториски анализи и рентген. Сето тоа мора да го направи лекар“, вели министерот Филипче.

Тој и Комисијата за заразни болести постојано укажуваат дека една од причините за големата смртност е тоа што пациентите доцна бараат помош. Во исто време пак, здравствените власти постојано апелираат лицата позитивни на Ковид-19 кои имаат лесни симптоми, да се лекуваат дома за да има места во болниците за оние со тешка клиничка слика.

Нема шанси да те прегледувам штом си позитивна

Лекарската помош што ја добиваат позитивните пациенти дома е само телефонска. Добиваат и упатства доколку им се влоши состојбата да повикаат Брза помош за да стигнат до болница, а дали им е влошена состојбата треба сами да оценат.

„Мене воопшто не ме прегледа лекар. Го направив тестот оти на работа имавме позитивен колега кој не наведе како контакти, па моравме сами да си платиме. Со позитивниот резултат отидов кај матичната која ми се обрати буквално со зборовите: „Нема шанси да те прегледувам штом си позитивна, нека влезе сопругот со маска на лицето за рецептите, ти остани надвор“. Ми се јавува секој ден и инструкциите се ако ми се качи температурата над 38,5 веднаш да пријавам за да ме смести во болница“, вели скопјанка позитивна на коронавирус која втора недела е на домашно лекување со болки во мускулите и изгубени сетила за вкус и мирис.

Дел од матичните лекари, пак, на свој трошок имаат купено пулсоксиметри и ги даваат на пациенти за кои сметаат дека треба посебно да се следат, а има и пациенти кои самоиницијативно ги купуваат апаратите и ги користат на ист начин како што ги користат оние за мерење шеќер во крвта.

На домашно лекување со и без симптоми, според вечерашните бројки се над 8.000 пациенти позитивни на Ковид-19. Од вкупниот број активни случаи, 8587, во болници се сместени 520 пациенти. Вечерва Министерството за здравство извести за 862 новозаболени и 14 починати лица во изминатото деноноќие.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Онколошките пациенти од Истокот нема да плаќаат 320 денари за патарини, најави Бочварски

Орце Костов

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември