Тестовите од обдукцијата ќе покажат дали Британецот починал од ебола

Од:

Британски државјанин со симптоми на болеста ебола починал денеска попладне на Клинката за инфективни болести во Скопје.

Како што информираше вечерва д-р Јованка Костовска, засега не може да се потврди дали станува збор за ебола или за друга болест. Тоа треба да го покажат тестовите од обдукцијата и од анализата на примероците од пациентот што ќе бидат направени во Германија.

Британецот, роден 1956, кој престојувал во еден скопски хотел попладнето во лоша здравствена состојба бил пренесен на Инфективната клиника каде што набргу починал. Во болницата веднаш се преземени сите безбедносни процедури, а персоналот што имал контакт со починатиот е ставен во карантин.

Во карантин се и вработените и лицата во хотелот каде што престојувал британскиот државјанин.

– Од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби сме информирани дека денеска околу 15 часот е примен пациент со тешка, брзопрогресирачка клиничка слика и неконтактибилен, донесен со возило на Итна медицинска помош од хотелот каде престојувал. И покрај преземените медицински мерки, пациентот починал по неколку часа од хоспитализирањето, изјави д-р Јованка Костовска.

Станува збор за странски државјанин кој влегол на територијата на Република Македонија на 2 октомври, а според податоците од неговиот колега не престојувал во земја која е ризично подрачје за ебола.

– Според изјавите на колегата со кој допатувал во земјава, пациентот во изминатите три дена се жалел на стомачни потешкотии, одбивал храна и бил слабо контактибилен, но не побарал лекарска помош. Денеска службата за Итна медицинска помош добила повик од скопски хотел за гостин со симптом на повраќање и истоштеност. Службата веднаш интервенирала и согласно констатираната влошена состојба на пациентот, истиот е веднаш транспортиран на Клиниката за инфективни болести, рече Костовска.

Додаде дека на Клиниката за инфективни болести се преземени сите мерки за третирање на пациентот. Тој имал симптоми на благо покачена телесна температура (–37.4 Ц), што не соодветствува на ебола, имајќи во предвид дека карактеристична температура за лица заболени од ебола е над 38.5 Ц.

– Сепак, брзата и тешка клиничка слика, повраќање внатрешно крвавење, и ненадејна и брза смрт, се симптоми за ебола, што постави сомнеж и кај овој пациент. Во последниов половина час добивме информација од повеќе места дека пациентот почесто и во поголеми количини консумирал алкохол, што може да даде слична клиничка слика и за друго заболување, меѓутоа овие информации ги проверуваме со цел дополнително да ги потврдиме, рече Костовска.

Согласно протоколите, при појава на вакви симптоми, се преземаат сите мерки како да се работи за високоризична болест. За таа цел, за да се потврди дали станува збор за болеста, се врши обдукција и се испраќа материјал за анализа во референтна меѓународна лабораторија.

– Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб постојано заседаваат. Иако се големи шансите да не се работи за ебола, ние работиме согласно стандардна оперативна процедура, сите донесени протоколи за постапување, како да се работи за случај сомнителен за ебола. Токму затоа, во хотелот каде престојувал пациентот ставена е забрана за влез на лица, затечените лица се ставени во карантин, а исто така и медицинските лица кои биле во непосреден контакт со пациентот се ставени во карантин, се до добивање на првичните резултати, рече Костовска.

За населението важат стандардните препораки: еболата не се шири по воздушен пат, туку исклучиво при контакт со заболено лице или животни. При престој во земји каде има заболени лица, треба да се избегнува контакт со заболено лице или животни, а при враќање во Република Македонија во период од три недели да ја следат својата здравствена состојба.

Би можело да ве интересира

ММФ за 100 милиони долари го намали долгот на земјите зафатени со епидемијата од ебола

Ана Ололовска

На Деве Баир пристигнале 542 аџии, другите се очекуваат викендов

Ана Ололовска

Ебола не е причина за смртта на Британецот, карантинот укинат

Ана Ололовска

Британецот не бил во земји каде што има ебола

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Во хотелот „Супер 8“ се доставувa само храна

А1он

Хотелот „Супер 8“ и денеска под карантин

Емир Латифовиќ