Текот на парите: како Рашковски делел тендери, па возел „волво“ од фирма поврзана со нив, а Мухамед му ги плаќал кредитите и сметките за децата

Од:

Преку текот на парите обвинителката Ивана Трајчева докажува дека Драги Рашковски преку тендерот за софтверите, камерите и кабините за себе овозможил имотна корист. Според вештачењето, Рашковски преку Генералниот секретаријат со кој раководеше им исплаќал пари на фирми што добиле тендери, а тие, пак, продуктите ги набавувале од иста компанија – „Г. Б. Ц. системи“, сопственост на Игор Христов, обвинет во случајот „Софтвери“. Оваа фирма имала сѐ што му требало на Генералниот секретаријат. Но, не се јавувала на тендери. До 2020 година таа не можела ниту да исплати плати, а потоа купува и луксузни возила „волво“. И еден од најголемите судири на интереси се посочува кога за едното од возилата „волво“ компанијата „Г. Б. Ц. системи“ дава полномоштво за да го управува Вероника Рашковска, сопруга на обвинетиот Драги. Ова се констатира од извештајот на вештото лице Билјана Киселички, која ги анализира трансакциите меѓу Владата и фирмите, но и трансакциите од сметките на Рашковски.

Трајчева докажува дека Рашковски местел тендери, но и дека исплаќал хонорари, па им зел дел од парите на хонорарците

Таа дава одговор на прашањата кој ги плаќал школарините на децата на Рашковски, како малолетниците стекнале штедни книшки со илјадници евра, како обвинетиот го купил имотот во Побожје, каде што требаше да гради хациенда, а презентира и анализа како и за што трошел Рашковски од година на година.

„Дигитал медијалаб“ добива тендер, па од „Г. Б. Ц. системи“, чиј автомобил го вози семејството Рашковски, го набавува софтверот

Обвинителката Ивана Трајчева се интересира вештакот да каже каков вид услуги се дадени за исплатата од над 6 милиони денари од Владата кон фирмата „Дигитал медијалаб“. Вештакот Киселички образложи дека станува збор за софтвер, кој претходно е набавен од „Г. Б. Ц. системи“ и од ФИНКИ. Во договорот, по кој биле трансферирани шесте милиони денари кон приватната фирма, имало и клаузула, каде што требало да се изврши обука за користење на софтверот.

„Дали постои документација за сите услуги наведени во фактурата?“, праша обвинителката Трајчева, на што од вештакот доби одговор: „Презентиран е записник за технички прием на софтвер, со што се завршени обврските помеѓу двете правни лица. Во истиот записник пишува дека почнува да тече рокот за поддршка на софтверите. Што се однесува на тоа како Владата направила примопредавање на софтверот, не постои таков документ“.

Обвинителката допраша: „Дали во документацијата имавте која се однесува на обука за овој софтевер“, на што вештакот Киселички одговори: „Нема документација од која се гледа дека е извршена обука. Ниту дека е барано ниту дека имало одржување обука“.

Според ова, поради нереализираната обука, фирмата „Дигитал медијалаб“ не требало да биде исплатена.

Откога Владата ѝ го плаќа софтверот на „Дигитал медијалаб“, според вештакот, на сметка ѝ останала заработка од 150.000 денари со ДДВ.

„Г. Б. Ц. системи“ набавила камери и скенер за прст пред да се знае која фирма ќе го добие тендерот од Генералниот секретаријат 

Вештакот Билјана Киселички ги анализирала и исплаќањата што ги вршела фирмата „Г. Б. Ц. системи“ за камерите и за скенерите за прсти, кои подоцна ги набавува Генералниот секретаријат преку фирмата „Монтинг енергетика“.

Трајчева ја праша: „Кога биле извршени исплаќањата од ‘Г.Б. Ц. системи’ за набавка на камери и скенер на прст?“, на што вештакот одговори: „Плаќањата се извршени на 26.2.2019 година од ‘Г. Б. Ц. системи’, односно тие се платени додека траела постапката за прибирање понуди. Останува нејасно како ‘Г.Б. Ц. системи’ знаеле кои фирми ќе достават понуди, која фирма ќе ја добие зделката и дека таа фирма ќе ги набави овие продукти. Напоменувам дека при јавните набавки договорниот орган до поднесување понуди не може да види кои фирми поднеле понуди. Може да види дека само некоја фирма поднела понуда, но не и која. Тој податок се знае кога завршува крајниот рок за поднесување понуда“.

Во оваа зделка најголем профит повторно имала „Г. Б. Ц. системи“, а фирмата „Монтинг енергетика“ и покрај 1,4 милион денари, кои ги добила на тендер, останала со заработка од 47.200 денари сосе ДДВ.

Набавките за Генералниот секратаријат оделе и преку две фирми, а повторно се стигнувало до фирмата „Г. Б. Ц. системи“, која имала и камери, кои, според спецификацијата, биле барани

Обвинителката Трајчева побара објаснување и за набавката на камери. Вештакот Билјана Киселички го опиша текот на парите.

„Набавката е склучена со фирмата ‘Сектрон’, а договорот е раскинат и е склучен со ‘ПРО инструментс’ од над 3 милиони денари, без ДДВ. Истата набавка ја извршил од ‘Радик системи’, кој ја извршил набавката од ‘Г. Б. Ц. системи’, каде што исплатил парични средства од 950.018 денари, од кои потоа се исплаќани кон физички лица“.

По загубите, „Г. Б. Ц. системи“ купува две возила „волво“, а едно го управува сопругата на Рашковски, чиј сопруг Драги ги распишува тендерите за софтвери, камери, кабини

„Правното лице ’Г. Б. Ц. системи’ набавило возило ‘волво’ за кое е исплатено над 1 милион денари. Потоа набавилo и друго возило ‘волво’. Издадено е одобрение за управување туѓо моторно возило од ‘Г. Б. Ц. системи’ за користење ‘волво’ на лицето Вероника Рашковска (сопругата на Рашковски), која не била вработена во ‘Г. Б. Ц. системи’, изјави вештакот Билјана Киселички образложувајќи го вештачењето.

Таа посочи дека од увидот во банковната сметка на „Г. Б. Ц. системи“ заклучила дека сѐ до 2020 година фирмата на обвинетиот Игор Христов должела плати, но и исплата на фактури.

„Нагло состојбата се подобрува во 2020 година кога фирмата не само што исплаќа обврски туку и набавува имот и возила. Заклучно со последниот извод од 2021 година констатирано е дека сите заостанати плати се исплатени“, посочи Киселички.

„Инвока груп“, сопственост на Даниел Станчев, живеела благодарение на државните пари од Генералниот секретаријат

Кога Даниел Станчев ја основал „Инвока груп“, се финансирала од заеми што тој самиот ги уплаќал. Промет немала. Ова го покажуваат банковните изводи, а го кажа и вештакот. Во 2018 година оваа компанија ги има првите приливи од купувачи, но и покрај ова, 51 отсто од приходите на „Инвока груп“ се државни средства.

„Произлегува дека од 2018 до 2020 година приливите од државни фактури имаат процентуален раст во однос на другите купувачи, и тоа од 0 проценти во 2017 година, 51 отсто во 2018 година, 79 отсто во 2019 година, а во 2020 се 84 отсто од вкупните приливи. Произлегува дека ‘Инвока груп’ своето работење го темелела најмногу преку работата со државните органи“, рече вештакот Киселички.

„Инвока груп“ го набавува софтверот за регулирање сообраќај за Генералниот секретаријат – вештакот го презентира текот на парите со кои е платен

„Владата извршилa плаќање за софтвер на сметката на ‘Инвока груп’ во износ од речиси 4.997.300 денари. Од примените парични средства, по основ на заем на сметката на Даниел Станчев префрлени се износи од 900.000 и 1.300.000 денари. Потоа износ од 50.000 денари и потоа 55.000 денари. Вкупната сума е 2.305.000 денари. По примените парични средства од ‘Инвока груп’, Даниел Станчев купил евра. Произлегува дека износот од 2.305.000 денари во целост е подигнат во готово“, соопшти Киселички.

Не се знае каде завршиле овие пари.

Хонорарци со хонорари од Владата, а што сработеле – никој не знае

Ивица Димитровски, кој е професор на ФИНКИ, зел хонорар од Владата. Освен него, тука се вбројуваат и Маја Силјановска и Ирена Ивановска. Вештакот Киселички кажа како тие ваделе пари од банка во готовина по исплатите, кога било тоа правено, но и дали ги зеле парите затоа што предале продукт.

Ивица Димитровски зел најголем хонорар од 80.000 денари.

Обвинителката Трајчева докажува дека тој вадел парични средства од сметката и му давал на Рашковски, со чиј потпис Генералниот секретаријат ги правел исплатите.

„Дали имало повлекување во готовина на парични средства од страна на обвинетиот по исплаќањето од Генералниот секретаријат на Владата?“, праша Трајчева, на што доби одговори: „Истите парични средства се подигнати во готово или истиот ден или неколку дена по уплатата од авторската агенција“.

Маја Силјановска зела 60.000 денари хонорар, исто колку и Игор Ивановски.

Обвинителката бараше вештакот да каже кои биле обврските во согласност со договорот за секој од обвинетите, а Билјана Киселички одговори: „Предмет на договорот за Маја Силјановска е изработка на интелектуален труд за информатички системи за Генералниот секретаријат, предвидено е лично да го изготви делото. Овие услуги подлежат на документација од која ќе се утврди дека навистина се извршени услугите. Силјановска доставувала секој месец извештај, во овој т.н. извештај стои само една реченица : ‘Подготовка за анализа за изработка на стручен струд за конфигурирање информатички системи’. Со оглед дека нема друга документација од која ќе се утврди како, кога и каде е извршена оваа услуга, оставам судот да ја цени оваа реченица наведена во извештајот“.

И хонорарците на обвинителна клупа

И Ирена Ивановска била ангажирана од Владата на РСМ за надомест од 60.000 денари.

„Игор Христов првично бил ангажиран за надоместок од 30.000 денари, што ги примал во текот на 2017 година, потоа од 1.1.2020 година изнесувал 40.000 денари, а од 12.1.2022 година изнесува 50.000 денари. Предмет на договорот е компјутерска апликација“.

Трајчева се интересира вештакот да образложи дали со документите што хонорарците ги доставиле, според законот, исполниле услови за комплетност на документација за да добијат пари.

„Не, не ги исполнуваат, немаат прилог, немаат документ за преземање финансиска обврска од која ќе се утврди дека услугата е извршена, проверена од назначените лица во институцијата, одобрена, ниту има извештај што сработиле ниту има кој да потврди што сработиле“, рече вештакот.

Како Рашковски ги трошел парите што ги добивал на трансакциските сметки, уплаќал и Христов, сопственик на фирмата „Г. Б. Ц. системи“, која набавувала продукти за Владата

„Осомничениот бил вработен во Владата од 2017 до 2021. Анализата е направена врз основа на банкарските изводи. Таа е по години. Во 2017 година, во однос на приходите, имал приходи од работен однос и други услуги од 666.873 денари. Влез на готовина од 83.107 денари и во текот на истата година подигнати се во готово 75.000 денари, а другите безготовински трошења се од 517 илјади денари. Од анализата на сметката на неговата сопруга се гледа дека во 2017 година во готово се подигнати 190.500 денари, а уплатен износ е 185 илјади денари“, посочи таа.

Додека вештакот објаснуваше, Рашковски слушаше и зборуваше со адвокатот

„Во 2018 година приливите што му биле уплатени на лицето Рашковски произлегуваат од приходи за работен однос, заем од Никола Атанасов и Ѓорги Ѓоргиевски од 3.318.000 денари, а одливите се однесуваат на 550.000 денари враќање кредит, 1.300.000 враќање кредит. Во 2018 година сопружниците подигнале 127.000 денари, а во 2019 година приливите се состојат во приходи од работен однос, од продажба на девизи, кои произлегуваат од прилив од 35.000 евра од Александра Рашковска. Внесување готовина 151.000 денари, има други плаќања од Игор Христов. Одливите се состојат од заеми кон Игор Христов, купување девизи за набавка на мотор од Даниел Тодоров. Други безготовински плаќања се купување имот од две лица“, изјави вештакот.

Во 2020 година вкупниот приход е 303.000 денари, другите приходи се од Елена Нацева и пренос на средства од сопствена сметка, а одливи се безготовински трошења.

„Од рекапитуларот по години констатирано е дека е уплатена готовина на сметка од 3.840.000, а подигнати се 427.400 денари, има разлика од 3.414.750 денари, кои не може да се утврди од кои извори на средства потекнуваат“, рече вештакот.

Извесен Мухамед плаќал кредити, школарини и сметки во име на Рашковски

Обвинителката бараше објаснување од вештакот за безготовинските уплати од извесен Мухамед Халими.

„Тој уплатил безготовински уплати на кредитната картична на Рашковски од 300.000 денари (во 2017 година и еднаш во 2021 година). Истото лице преку банка има реализирано уплати за школарина на Рашковски. Од документите што се презентирани не може да се утврди основот за трансакциите. Исто така, преку банка истото лице има реализирано безготовински плаќања на обврски на семејството Рашковски за кои претходно извршил уплата на неговата сметка од 320 илјади во 2021 година и 3.000 денари. Од парите извршил плаќање по основ на полиси за осигурување на потесното семејството на Рашковски и други трошоци на Рашковски. Вкупниот износ што го направил Мухамед Халими е над 700.000 денари“.

Како Рашковски го купил имотот во Побожје 

Драги Рашковски подигнал кредит за да купи имот во Побожје, каде што требаше да гради хациенда. Уплатил депозит од 2.635.000 денари.

Рашковски имотот во Побожје им го даде подарок на децата, кои сега се сопственици

„Покрај паричните средства од кредит, исто така користени се средства и од други извори, како уплати од Игор Христов, Нацева, Марија Рашковска, Марија Ѓоргиева, пари што заедно со кредитот се 4.000.067 денари, а искористени за купување имот“, рече вештакот образложувајќи дека кредитот треба да се врати за 10 години.

Откога станува генерален секретар, Рашковски предвреме враќа кредит

„Во 2013 година од страна на Рашковски искористен е кредит од 50.000 евра, со рок на отплата до 2019 година. Тој предвремено ѝ е вратен на банката и тоа со уплата од 550.000 денари на 11.1.2018 година, 307.469 на 16.4.2019 година и 1.300.000 денари од 2018 година, кои се уплатени по основ на заем од Никола Атанасов (лице што нема пари во Македонија). Извршени се уплати за предвремено враќање на кредитот 2.157.469 денари“, рече вештакот Билјана Киселички.

Долговите и имотот на Рашковски што ги има кога доаѓа на функција

Имало откуп на девизи, а Рашковски од Игор Христов, сопственикот на фирмата што се гледа во секоја зделка на Генералниот секретаријат, добил пари за закупување автомобил.

„Лицето Никола Атанасов нема приходи според УЈП, не живее во државата според некои податоци. Од Царината доставија документ со кој се утврдува дека лицето Никола Атанасов нема пријавено готовински девизни средства при влез во државата кога се извршени овие трансакции. Човекот живее во странство и единствен начин е да ги донесе парите бидејќи нема податоци од ФП, УЈП. Но, и тоа не го направил“, рече Киселички.

2,5 милиона денари за малолетните деца на Рашковски, потеклото на парите во прашање

Во вештачењето стои дека не може да се утврди од каде двете малолетни деца на Рашковски имале вкупно 2,5 милиона денари на своите сметки. Киселички презентира само од кој до кој период се уплатени.

„Од 2017 година до 2021 година на Дамјан Рашковски уплатени му се 1.569.094 денари. За Миа Рашковска уплатени се 985.980 денари. Севкупно тоа се 2.554.264 денари“, изјави таа.

Обвинителката Ивана Трајчева ја докажува вината на Рашковски

Во случајот именуван како „Софтвери“ обивнителката докажува дека Рашковски ангажирал хонорарци, кои дел од хонорарите му ги враќале на обвинетиот. Според неа, ексгенералниот секретар ги местел тендерите за набавка на софетвер, камери, кабини.

На претходните рочишта беа читани и низа пораки. Некои беа помеѓу сопственикот на „Инвока груп“, Даниел Станчев, кој добива тендер од Генералниот секратаријат, и Рашковски, кој имал прекар Перо 078. Меѓу другото, во пораките Рашковски вели: „Тешко ќе ја направат спојката“.

Обвинетиот Христов, кој според вештачењето е сопственик на клучната фирма поврзана со набавката на софтвери, камери, кабини, се споменуваше и во пораките што се читаа во судницата.

Би можело да ве интересира

Укинат куќниот притвор за Драги Рашковски

Катерина Ѓуровски

Рашковски доби куќен притвор и забрана да комуницира со тројца од обвинетите во „Софтвери“

Осуден во „Софтвери“ ја запроси девојката во судница: „Прекрасен момент, нека ви е со среќа“, им честиташе судијката

Орце Костов

Осум години затвор за перење пари, местење тендери за Рашковски – Пресуда за „Софтвери“

Анита Петровска Рајковиќ

Во Кривичен денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Софтвери“

Одбраната на Рашковски побара ослободителна пресуда за случајот „Софтвери“