Во Македонија денеска со повеќе активности ќе биде одбележан Светскиот ден на Ромите 8 април.
Одбележувањето, како што посочуваат организторите е можност за потсетување на историскиот развој на борбата за остварување на правата на Ромите на меѓународно ниво и во Република Македонија.
– Периодот на изолираност и маргинализираност денес претставува само една фаза од развојот на заедницата на Ромите во Република Македонија. Денес, новите генерации со силна мотивација и желба го прифатија предизвикот да бидат носители на прогресот, на промените во генетскиот код кои резултираат со надминување на комплексот на пониска вредност. Денес ги промовираме новите вредности на генерацијата млади Роми кои даваат значителен придонес во развојот на македонското современо општество, посочуваат од ромските невладини организации „Сумнал“ – здружение за развој на Ромската заедница и „Баирска Светлина“ од Битола.
Во рамки на одбележувањето Во Битола ќе биде прикажан документарен филм „Придонесот на Ромите во изградба на современото македонско општество“, во кој се евидентираат значајни личности Роми, од сферата на професионалниот, општествениот и јавниот живот во Република Македонија и нивниот придонес во изградбата на современото македонско општество и објаснување како тие секој во својата област, даваат придонес во креирањето и спроведувањето на јавните политики.
По повод Светскиот ден на Ромите во единствената ромска општина во светот Шуто Оризари се организира културно – музичка манифестација.
– Единствената општина со мнозинско ромско население, општина Шуто Оризари, по повод 8-ми Април организира културно-музичка во која ќе се прикаже ромскиот фолклор, традиционалната музика испеана од врвни ромски музичари од Македонија и светот, истакнуваат од општината.