Кривичниот суд во Скопје по кој знае кој пат го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство за одземање на патните исправи на две лица во предметот “Тендери“ како мерка за претпазливост.
„Постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ) за определување мерки за претпазливост против две лица опфатени во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тендери“, пред судуја на претходна постапка на 28.10.2016 година беа повикани двете лица кои во присуство на нивните бранители и претставник на СЈО се произнесоа во врска со предлогот.
По завршување на распитот судијата на претходна постапка со решение од 28.10.2016 го одби предлогот на СЈО, за определување на мерки за претпазливост, како неоснован, а по писменото изготвување решението е експедирано до странките.
Против ова решение странките имаат право на жалба до Кривичниот совет во рок од 24 часа по приемот на решението“, пишува во одлуката на судот.
СЈО покрена истрага за четири лица, меѓу кои и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во врска со тендерот кој го доби Бетон-Штип за доградба на Музејот на ВМРО.