Основниот суд Скопје 1, го прифатил обвинителниот акт за случајот „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот и сопственик на ТВ Нова, Сеад Кочан, дознава „Макфакс“. Првата јавна расправа за овој предмет е закажана за 7 ноември. Обвинението за „Труст“ е напишано на 57 страници, од кои на 50 се наведени доказите. СЈО за овој случај навело и сослушување сведоци.
Според обвинението, првите луѓе на „Транс Мет“, „Силекс Неметали“ и „Вато“ фалсификувале документација за да го добијат тендерот за ископ на јаловина што државната компанија ЕЛЕМ го распишала во 2011 година. Конзорциумот, според СЈО, со лажни документи прикажал дека поседува механизација, како услов да се добие тендерот. На овој начин искеширале над 17 милиони евра. Овој случај произлезе од една од објавените аудиоснимки од прислушуваните разговори и од уште две други аудиоснимки, коишто досега не се објавени.
„Макфакс“ дознава дека судот го прифатил и обвинителниот акт во случајот „Тотал“, каде првообвинет е бизнисменот и новинар Драган Павловиќ-Латас, за затајување данок, но за овој предмет сè уште нема закажано рочиште.
В. Маглешов