Како дел од кампањата „Излези за ГТЦ“, денеска, во 18 часот студентите од Архитектонскиот факултет во Скопје ќе одржат прошетка и предавање низ ГТЦ. Секој заинтересиран граѓанин кој сака да дознае повеќе за културните и архитектонските вредности на објектот, неговиот историјат, можат слободно да го проследат предавањето.
Преку прошетка и демонстрација на автентични фотографии и други материјали, студентите ќе го доловат духот и значењето на Градскиот Трговски Центар додека пак преку интерактивна презентација ќе ја аргументираат важноста од зачувување на автентичноста на неговиот изглед, велат организаторите на кампањата.
Прошетката ќе започне на платото во ГТЦ од страната на Жена Парк.
Изградбата на ГТЦ e започната на 1 мај 1969. На 29 ноември 1972 е завршен централниот дел, а свеченото отворање се случило во 1973 година.
За ГТЦ бил распишан меѓународен конкурс на кој идејното решение било второнаградено меѓу 23-те труда. Автор на објектот е наградениот архитект и професор Живко Поповски.
А граѓаните на општина Центар ќе гласаат на референдум закажан на 26 април да одговорат на прашањето: „Дали сте за зачувување на автентичниот изглед на фасадата на ГТЦ?“, со цел објектот да не се барокизира како што е предвидено со проектот Скопје 2014.
Референдумското изјаснување ќе трае од 07:00 часот наутро па се до 19:00 попладне а право да гласа има секој жител на оваа скопска општина што е впишан во избирачкиот список.