Државниот завод за статистка, на девет дена пред истекот на рокот за пописот, нема евидентирано ниту едно лице кое одбило да се попише. Иако има граѓани кои одбиваат да бидат попишани, тие се уште не се евидентираат како одбивачи. Пописните комисии ги посетуваат и ќе продолжат да ги посетуваат до истекот на рокот – 30 септември и да ги посетуваат на обврската за попис, на значењето и како и на последиците од тоа што би одбиле да се попишат оти праксата досега покажала дека оние што првпат одбиле при следната посета се попишуваат.
„Во однос на прашањето за број на лица кои одбиле да се попишат, ДЗС нема таква бројка бидејќи сѐ уште таквите случаи не ги третираме како ‘одбивање’. Попишувачите заедно со своите реонски инструктори, но и со државните инструктори, одат по неколку пати разговараат со домаќинствата и во најголем број од случаите лицата прифаќаат да бидат попишани. Така што не можеме да зборуваме за број на одбиени попишувања. Во однос на евидентирањето на лицата кои одбиваат попишани, процедурата е следна – конечно пријавен случај на одбивање (досега сѐ уште немаме таков случај) се пријавува во Државниот завод за статистика кој понатаму го пријавува случајот во МВР и натаму тие постапуваат според законските решенија“, велат од Државниот завод за статистика за „А1он“.
За казни за непопишаните лица, од Државниот завод велат дека ќе можат да зборуваат кога ќе имаат пријавен случај.
Оние кои сакаат да бидат попишани, пак, а кои сметаат дека пописната комисија ги испуштила на терен или едноставно се уште не ги посетила, може сами да се пријават.
„Во пописот никој не смее да биде испуштен, така што граѓаните, доколку не се посетени од попишувач, може да се јават во Комисијата на пописниот реон надлежна за општината каде што живеат и да пријават дека кај нив се уште не дошол попишувач. Контакт – информациите на Комисиите за пописните реони се објавени на веб страницата popis2021.stat.gov.mk во делот пописни реони“ велат од Државниот завод за статистика.
На прашањето колку лица треба да бидат попишани за пописот да се смета за успешен, кој е прагот што треба да се надмина, од Заводот одговорија дека целта на пописот е да биде сеопфатен, односно никој да не биде изоставен. Во статистичката литература, како што нагласија, постојат објаснувања за процент на статистичка грешка, но тие велат дека вложуваат максимални напори да ги попишат сите лица – единици на попис во државата.
До синоќа до 20 часот во земјава биле попишани 1.132.484 лица, 353.256 домаќинства и 480.364 станови.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава почна на 5 септември, а ќе трае до 30 септември.