(ВИДЕО) Стамов: Конгрес ќе има во март и е легитимен, Мицкоски ќе мора да си замине

Од:

Вонредниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во март во присуство на над 300 делегати потребни да ја изгласаат довербата на лидерот на партијата Мицкоски. Конгресот е легитимен и во согласност со статутот на партијата, затоа Мицкоски нема што да го спори, туку да прифати дека ја нема поддршката од членството и да си замине, рече во интервјуто за „ А1он“, Борче Стамов, еден од иницијаторите за одржување на вонредениот Конгрес.

Обезбедено е присуство на 2/3 од делегатите, од вкупно 511 за вонредниот конгрес што ќе се одржи на 28 март, и оваа одлука е конечна и усвоена, изјави во интервју за „А1он“ Борче Стамов, еден од членовите на Иницијативниот одбор за свикување на вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека со самиот факт што на иницијативата поддршка дале толкав број членови, конгресот е легитимен, во согласност со партискиот статут, и ако делегатите изгласаат недоверба на Мицкоски, тој ќе треба да си замине.

„Не знам зошто Мицкоски се плаши од најавата за вонреден конгрес, сосема легитимно е по бројните изборни порази да поднесе отчет пред членството, пред тие исти делегати коишто го избраа во 2017 година. Во статутот нема никаква пречка за негово одржување, а впрочем и самиот Мицкоски беше избран на вонреден конгрес. Очигледно се исплашија од нашата иницијатива и веднаш најавија дека конгрес ќе има во ноември, редовниот што треба да се одржи. Ние сме на ставот дека е доцна за конгрес во ноември и дека внатрепартиските работи треба да си ги средиме пред локалните избори, зашто ако не го обединиме членство и не тргнеме во реформи, немаме шанси за добар изборен резултат“, рече Стамов.

Стамов не беше прецизен дали меѓу делегатите има од раководството блиско до Мицкоски, но рече дека постои сериозно незадоволство во партијата и од нив, па ги повика сите кои сметаат дека треба да се гласа доверба на лидерот, да дојдат на конгресот.

„Не е тајна дека внатре во партијата има незадоволство и фрустрации. Мицкоски вели дека победил на последните избори, но сепак реалноста е друга. Не може да го држите членството во неизвесност со изборни порази и да очекувате поддршка. Демократски и фер е тој самиот да биде самокритичен, да ја погледне вистината каква што е. Ќе му се заблагодариме што ја водел партијата во исклучително тежок период и ќе избереме нов лидер“, вели Стамов.

Како што објасни тој, главната задача на овој партиски настан ќе биде да се дебатира за сработеното на Мицкоски и гласање дали да остане или не на функцијата. Паралелено ќе има оглас и за избор на нов лидер на кој може да се пријават членовите кои имаат програма, визија и капацитет да го обединат членството на ВМРО-ДПМНЕ кое со години е раздвоено на „за“ и „против“ ова раководство. Очекува Мицкоски да ги прифати одлуките од конгресот бидејќи, како што рече, не е добар чекор една партија по судски пат да докажува дали треба да си го смени лидерот.

Би можело да ве интересира

Мицкоски да ја надрасне суетата инаку ќе доживее фијаското на локалните избори, порака од иницијаторите за вонреден Конгрес

Габриела Димковиќ-Мишевска

Иницијатива за Конгрес: Мицкоски е единствениот во ВМРО-ДПМНЕ чии афери се амнестираат од надлежните обвинителства и судови

Катерина Павлова-Николовска

Иницијативниот одбор го одложи најавениот вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ

Жарко Настоски

Стамов: Поддршката за смена на Мицкоски од ден во ден се зголемува

Искра Манојлоска

Иницијативен одбор: 17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на обединување и нов почеток

Ана Ололовска

Иницијативен одбор за вонреден конгрес: На ВМРО-ДПМНЕ не му треба лидер кој бега од сите круцијални одлуки

Ана Ололовска