ССНМ: Медиумските работници со ниски плати и на удар од короната, газдите незаинтересирани да зборуваат за работничките права

Од:

Новинарите и медиумските работници имаат плата далеку под државниот просек и дополнително, во услови на корона криза, се загрижени поради неизвесноста од задржување на работното место и висината на приходите. Меѓу нив владее страв и паника, велат дека овој начин на живот и работа влијае врз нивното ментално здравје, а дел имаат потреба и од психолошка поддршка.

Сопствениците на медиумите, пак, не се заинтересирани да зборуваат за работничките права на нивните вработени.

Ова го покажува најновото истражување на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Синдикатот во јуни годинава спроведе анкета во која биле вклучени 150 новинари и медумски работници. Најголемиот дел од нив рекле дека земаат 15.000 до 20.000 денари плата. Дури 101 или 67 отсто не се задоволни со платата или хонорарот, а 49 или 33 проценти се задоволни.

ССНМ направи анкета и меѓу сопствениците на медиумите. Биле испратени прашалници на 50 сопственици, но на прашањата одговориле само пет.

-Да напоменеме дека анкетниот прашалник им беше доставен на газдите два пати, но тие не сметаа дека е неопходно да одговорат на прашања за работничките права и обврски во нивните медиуми. Ова е прва анкета во која беа прашани сопствениците на медиумите за статусот на вработените и влијанието на корона вирусот врз нивните организации, наведува Синдикатот.

Според ССНМ, фактот дека само пет од педесет испитаници одговориле на анкетата, доведува до неможност за донесување релевантен заклучок за тоа како сопствениците на медиумите се справуваат со влијанието на пандемијата врз нивните вработени и медиумот воопшто. Наспроти тоа се донесува заклучокот дека сопствениците на медиуми не се засегнати, ниту отворени за давање одговори на тема која ја отсликува состојбата во новинарството и работничките права на вработените во медиуми во земјава во време на пандемијата со КОВИД-19.

-Од добиените одговори, едниот од испитаниците – сопственик на телевизија и двајца сопственици на електронски медиуми, велат дека имаат финансиски загуби за време на пандемијата со КОВИД-19, која најмногу влијаела на пад на рекламите. Сепак, овие сопственици велат дека не ги намалиле платите на вработените, во кризните месеци, а нема ниту до крајот на годината . Во нивните медиуми нема отпуштања поради корона кризата. Од друга страна, двајца сопственици на електронски медиуми не претрпеле финансиски загуби за време на пандемијата со КОВИД-19, последователно на тоа не ги намалиле ни платите, ниту пак имале отпуштања на вработени, истакнува Синдикатот.

Сопствениците на медиумите се, сепак, загрижени за безбедноста на вработените за време на пандемијата со КОВИД-19.

-Сопствениците на петте медиуми велат дека навремено набавиле заштитна опрема за вработените, што е спротивно на тврдењата на голем дел од вработените, 22 отсто, кои одговориле дека во медиумите кај што работат не биле набавени заштитни средства. На прашањето „Што имате направено за да ја зголемите безбедноста на работното место?“, тројца сопственици на електронски медиуми одговориле „Работа од дома“, еден сопственик на електронски медиум одговорил „Работа во смени“, а сопственикот на телевизија одговорил „Работа во повеќе групи“, наведува ССНМ

Петте испитаници кои одговориле на анкетата се на возраст од 41 до 58 години, четворица од нив се мажи и една жена . Еден од нив е сопственик на телевизија, останатите се сопственици на електронски медиуми, сите се со завршено високо образование.

Според истражувањето, синдикално организирање во медиумите е проблем за некои од сопствениците на медиуми.

-На прашањето дали во нивната редакција постои синдикална организација потврден одговор дале само двајца сопственици на интернет портали. Додека синдикално организирање нема во телевизијата и во два електронски портали, а на дополнителното прашање зошто нема, сопственикот на телевизија одговорил „не знам“, еден сопственик на електронскиот портал одговорил „премногу мала редакција“, еден испитаник не дал одговор. На прашањето „Дали би им правеле проблеми на вработените доколку синдикално се организираат“, еден од сопствениците на електронски медиуми одговорил со „ДА“. Останатите четворица испитаници се изјасниле дека не би им правеле проблем на вработените доколку синдикално се организираат, покажува анкетата.

ССНМ укажува и дека медиумскиот бизнис дополнително е на удар од корона-кризата. Тоа се одразило со губење работно место и намалување на платите. Четворица останале без работа, а седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата.

-Ова истражување покажа дека медиумските работници се на првата линија до опасноста од корона пандемијата, но и на директен финансиски удар. Потребата од помош е повеќе од очигледна, ако се земат предвид одговорите на испитанците. Седумдесет и три проценти одговориле дека им е потребна финансиска помош. Меѓу медиумските работници владее страв и паника, па така 48 одговориле дека им е потребна психолошка поддршка. Тука особено е значајно да се напомене дека 62 отсто од анкетираните потврдуваат дека овој начин на живот и работа влијаат врз нивното ментално здравје, посочува ССНМ.

Би можело да ве интересира

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

Истражување: Над половина медиумски работници имаат потпросечни плати, во онлајн-медиумите секој трет е пријавен со полно работно време

ВМРО ДПМНЕ ќе предложи амандман за ослободување од социјално и здравствено осигурување на медиумските работници

Катерина Ѓуровски

Промовиран Водич за интегритет на медиумите: Испреплетеноста на медиумската сопственост со уредништвото предизвикува сериозна загриженост околу новинарската независност

Убиството на Вања има карактер на колективна траума, медиумите внимателно да известуваат