Министерката за правда Рената Дескоска денеска се сретна со експерти од Одделот за извршување на пресудите и одлуките на Европскиот суд за човекови права Катерина Недељковиќ и Фредрик Сандберг.
Дескоска, информираат од нејзиниот кабинет, на средбата нагласила дека Република Северна Македонија ќе ги почитува пресудите на ЕСЧП и дека ќе ги вложи сите напори да ги имплементира препораките кои произлегуваат од пресудите.
На средбата станало збор и за реформската агенда на Министерството за правда, во однос на што Дескоска ја потенцирала добрата соработка со Венецијанската комисија, Советот на Европа, мисијата на ОБСЕ и голем број странски експерти кои се вклучени во изготвувањето и чии препораки се имплементираат во законските решенија.
Министерката посочила дека заштитата на човековите права и градењето на капацитетите на институциите за заштита на човековите права се на врвот на владината агенда и дека нејзината посветеноста кон реформите во правосудството е последица на реалната потреба на граѓаните.
На средбата, како што информираат од Министерството за правда, било истакнато дека Република Северна Македонија е една од земјите со највисока имплементација на препораките на ЕСЧП.