Според документи од тајната архива на Ангел Динев: Сарафов му го украл Илинденското штабно знаме на Груев

Од:

Каде се македонските револуционерни знамиња? Каде е знамето на четата на Питу Гули? Каде е знамето на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, кое неколку месеци по задушувањето на Илинденското востание, лично го чувал Даме Груев? Каде е знамето на Крушевската република на кое косата на девојката била извезена со вистинската коса на Коца Хаџова, вереницата на Никола Карев?

Според историските извори од тоа време, учителката била вклучена во подготовките за нападот и заземањето на Крушево, а нејзина соработничка била нејзината колешка Фанија Ракиџиева. Двете работеле во истото училиште и живееле во иста куќа, кај вдовицата Дада. Стружанката Коца Хаџова, заедно со својата колешка Фотина Иванова и нејзината сестра Вета, ги навезле револуционерното знаме на четата на Пипу Гули, знамето на Крушевската република, но и знамето на Главниот штаб на Илинденското востание на Битолскиот револуционерен округ.

Знамето на четата на Питу Гули било од црвен копринен материјал, опшиено со срма, на средината со златеста коприна биле извезени две раце кои се ракувале на палмов лист, а над рацете имало запален факел. Околу сето тоа имало напис: „Слобода или смрт – знаме на Крушевската чета“. Знамето било опшиено со срмени реси, а по краиштата виселе големи срмени пискули. Заедно со знамето на Питу Гули, Коца со соработничките го навезле и знамето на Крушевската република на кое се гледаат две девојки со долги коси, кои стојат врз картата на Отоманската империја. Косите на девојките се извезени од природната коса на Коца!

Македонците пред еден век имале голема почит кон знамето

Пред самото Илинденско востание биле изработени повеќе востанички знамиња на револуционерни окрузи, околии и чети. Многу од нив, по пропаѓањето на востанието, биле запленети од Турците, а некои биле скриени и потоа изнесени надвор од Македонија.
Зачуваните знамиња имаат големо значење за македонската историја. Во историската литература има малку податоци, а за некои не се знае ништо, иако многу од нив имаат исклучително национално историско, но и фолклористичко значење, почнувајќи од тоа кој го везел, со каков материјал, боја и слично.

Според Антон Кецкаров, член на револуционерното началство на Охридската околија, идејното решение на знамето на Охридската револуционерна организација го изработил Климент Заров, а било изработено на двојна црвена свила, завршувајќи со реси и сошиени пулејки. Охридското револуционерно знаме е со големина 105,8 на 79 см, а везилки на знамето биле учителките Поликсена Масин, Василка Размова, Клија Самарџиева и Костадинка Настева – Бојаџи.

Војводата Христо Узунов во својот дневник, меѓу другото запишал дека знамето било осветено во месноста „Игралиште“, односно на Куратичкиот рид, во присуство на 600 востаници и многу народ! Осветувањето го извршил свештеникот и револуционер Васил Ангелов од село Лешани. За значењето на знамето зборувал Христо Узунов.

И ова знаме, како и знамето на Крушевската република и ден денес сè уште е во Националниот историски музеј во Софија. Инаку, на едната страна е претставен разгневен исправен лав, свртен на левата страна, извезен со темноцрвен и делумно со црн копринен конец. Според положбата на лавот, може да се забележи дека тој е подготвен за напад, со отворена уста, исплазен јазик, со ококорени очи, големи нокти и подигната опашка, која на врвот се спушта во вид на факел. Со предните нозе лавот ја држи полумесечината, а со задните ја гази петокраката. Петокраката и полумесечината се извезени во жолта боја.

Околу лавот, во форма на круг, со темносребрена срма е извезен текстот: „Бог со нас. Напред момчиња! Победата е наша. Охрид 1903“ На другата страна е извезена девојка, која во десната рака држи меч, а во левата мало знаменце на кое пишува: „Слобода или смрт“. Девојката е во бел фустан, а до неа стои лав во темноцрвена боја. Лавот со двете предни нозе се држи за знамето. Околу девојката и лавот со срма е извезен текстот: „Македонија, Втор округ, шеста околија“.

Косата на девојката на знамето била извезена од вистинска женска коса

Свои револуционерни знамиња имале сите окрузи и чети, а меѓу поинтересните секако е и револуционерното знаме на Струшката револуционерна околија, кое било изработено кон крајот на 1902 година. Струшкото знаме е за неколку сантиметри поголемо од Охридското знаме, а него го извезале Славка, Анастасија и Милица Чакареви, заедно со Царева Деребанова. Четирите учителки го везеле во куќата на Апостол Чакаров.

Точно на 27 јули 1903 година знамето било предадено на знаменосецот Милан Гагов и уште истиот ден знамето стигнало во Вевчани, каде што го пречекале востаниците и селаните. По задушувањето на Илинденското востание знаменосецот Гагов го прибрал знамето во Струга, а подоцна му го предал на Ѓорѓи Чакаров.

Во 1917 година, Чакаров се преселил во Софија, а со себе го зел и ова востаничко знаме. Многу години подоцна, кон крајот на минатиот век, Јорданка Миладинова-Чернова и нејзиниот син Климент, кои како семејна реликвија со децении го чувале струшкото востаничко знаме дома, го предале на Националниот воено-историски музеј во Софија.

На едната страна на знамето е извезена девојка. Во десната рака девојката држи меч, а во левата држи знаме со текст „Слобода или смрт“. Знамето е бело и завршува со темно-златни реси. И ова знаме има вез од вистинска коса. Имано, косата на девојката на знамето била извезена од вистинска коса што ја подариле Константина и Царева Дерабанови.

Лево од девојката е претставен исправен лав, свртен на левата страна, кој е извезен со темноцрвен конец. Со предните нозе лавот цврсто се држи за дршката на знамето, а со задните – го гази турското знаме кое е искинато. Турското знаме е претставено во темноцрвена боја со бели полумесечина и петокрака.

На другата страна на знамето е претставен разгневен лав во положба како да трча по плен. Лавот е извезен со темножолт конец, со нагласено жолти реси над вратот и на грбот. Опашката е подигната и завршува во форма на факел.

Многу интересно, но и значително поразлично од Охридското и Струшкото знаме е Кратовското востаничко знаме. На предната страна од знамето има лав во златна боја, а под него стои – 1903 година. Од другата страна на знамето е претставена мртовечка глава со две попречни коски во долниот дел од вилицата. Тоа е еден од најубаво извезените лавови на македонските знамиња од минатиот век.

Инаку, дека лавот не е измислица и дека има длабоки корени во македонската традицијата, говорат и многу постарите знамиња во македонската историја. И на знамето на Разловечкото востание, на пример, значи уште во 1876 година, исто така е претставен лав, исправен на задните нозе.

Интересно е и тоа што во документите на Димитар Поп-Георгиев Беровски подоцна е најдена хартија на која тој направил неколку обиди да го прецрта лавот од книгата „Стематографија“ на Дојранчанецот Христофор Жафаровиќ, каде лавот од знамето и лавот од грбот на Македонија, личат еден на друг. Во книгата на Жефаровиќ, македонскиот лав е даден одделно од другите. Тој е црвен на жолто поле, за разлика од бугарскиот, да речеме, кој е жолт на црвено поле.

Под македонскиот лав пишува „Македонија“, а се појавил во исто време кога се појавиле и грбовите на Србија, Бугарија и другите.

Знамето на Разловечкото востание продадено во Софија

Меѓу најстарите македонски револуционерни знамиња секако е знамето на Разловечкото востание од 1876 година. Ова значајно македонско знаме до 1959 година се наоѓало кај синот на водачот на востанието, Станимир Попгеоргиев, емигрант во Ќустендил.

Според записите на д-р Љубен Лапе, иако знамето со својата убавина и историска вредност го привлекувало вниманието на многу историчари и публицисти, долго време љубоморно било чувано од синот на Димитар Попгеогиев Беровски како скапоцен спомен на неговиот татко. Сепак, Станимир, во 1959 година, без образложение, го предал или го продал ова значајно македонско знаме на Централниот музеј на Народната армија во Софија, каде што е и денес.

Цитирајќи го Дојно Дојнов, истражувач кој имал пристап и можност да го види и проучува ова значајно македонско знаме, професор Лапе пренесува дека знамето на Разловечкото востание е широко 1,86 сантиметри а високо 1,65 сантиметри. Во средината на знамето има жолто-златен правоаголник со размер 54 на 76 сантгиметри. Во полето со копринени, лилави конци е извезен разјарен лав, исправен на задните нозе. Интересно е тоа што шепите, забите, ноктите, устата, окото и другите детали се навезени во разнобојни конци, а гривата на лавот е направена со дополнителни исшивање на потемни конци врз основниот вез.

Според описот на Дојнов кој го користел проф. д-р Лубен Лапе, главата на лавот е зафрлена наназад, а стомакот е вовлечен, со што се постигнува грациозност на пропорциите и движењата. Опашката е долга, извиткана по линија на телото, завршувајќи во горниот крај со трилисно раширување – трозабец. Знамето било шиено и везено во Солун, кај опитни мајстори, па затоа Разловечкото знаме е најквалитетното историско сочувано знаме на македонскиот народ.

Годинава се навршуваат 138 години од неговото настанување, па по две, или дванаесет години, сеедно, би било добро да се одбележи годишнина на ова знаме како своевиден празник на македонското знаме, како што се чествува во некои соседни земји нивното знаме.

Значи, Македонија има свое постоечко знаме старо речиси 140 години, кое, заедно со сите други скапоцени реликвии, ракописни книги и икони однесени од Македонија во Бугарија, мора да и се врати на Македонија, како што Германците дновиве и вратија на Грција 10.600 артефакти кои нелегално биле изнесени од земјата за време на Втората светска војна. Вратени се глинени садови и инструменти од неолитот, кои биле откриени при нелегалните ископувања во 1941 година.

Според тоа, списокот на наши артефакти кои мора да бидат вратени во Македонија, секако треба да биде дел од договорот за добрососедство на кој инсистира Бугарија.

Кумановското знаме – единственото знаме кое се чува во Македонија

Иако на востаничките знамиња од 1903 доминантен е лавот, има и одреден број знамиња без него. Така, Крушевското востаничко знаме било изработено од црвена свилена ткаенина, опшиена со жолта срма во димензии од еден метар и 25 сантиметри, на 77 сантиметри. На средината со блескаво жолта свила се извезени две раце што се ракуваат, а зад нив има факел. Знамето е опшиено со блескаво-жолти срмени реси со четири пискули.

Од списокот македонски револуционерни знамиња, Кумановското знаме е единственото знаме кое се чува во Македонија! Знамето, кое до 1965 година се наоѓало во Собранието на општината Куманово, сега е во Градскиот музеј. Тоа е изработено во карактеристично црвена боја со востаник во средината. Косата на востаникот е долга, а има и брада. На другата страна на знамето пишува „Ослободена Македонија“.

Се разбира, Кумановското знаме е со голема музејска и документарана вредност, но сепак најголемо и со најголема историска вредност, заедно со знамето на Крушевската република, е знамето на Главниот штаб на Илинденското востание на Битолскиот револуционерен округ.

Знамето било извезено со срма врз црвена свила од крушевските учителки предводени од Коца Хаџова, а нацртот го изработиле тогашните матуранти Арсени Јовков и Драган Зографов. По задушувањето на востанието, Борис Сарафов знамето самоволно го однел во Софија.

Публицистот Ангел Динев, кој бил и револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на ВМРО, македонски општественик, историчар и политички работник, во своите спомени запишал дека Сарафов цинично си поиграл со Груев „крадејќи му го Илинденското штабно знаме, кое беше единствената гордост и мал спомен на Дамјана“.

Интересно и убаво знаме имала и македонската револуционерна околија од Кукуш. Црвеното востаничко знаме било изработено од Рајна Измирлиева, според скицата на Мицо Измерлиев, татко на поетот Христо Смирненски. Специјалното црвено платно било купено од Солун, а знамето меѓу востаниците го однела Ана Малешевска, ќерка на Никола Малешевски.

Знамиња со познатиот слоган „Слобода или смрт“, со лав или со девојка која го гази турското, отоманско знаме, имале и револуционерните околии во Костур, Д’мбени, Банско и другите. Притоа, имајќи ги предвид овие примероци, може да се констатира дека доминантен, континуиран симбол на македонското знаме е лавот , кој се разликува од лавот на другите знамиња или по својата трозаба опашка или по тоа што е црвен на жолта позадина со црвен раб и црвени реси.

Токму таков бил и „лавот“ на Главниот штаб на Илинденското востание за Битолскиот револуционерен округ, „единствената гордост и мал спомен на Даме Груев“, кој Сарафов „цинично“ го украл и го однел во Софија.

Печатите како доказ за автентичноста на македонската револуција

Сепак, за разлика од знамињата, Македонија успеала да зачува поголем број раволуционерни печати со исклулчителна историска вредност.Освен оригиналниот печат на Кресненското востание од 1878 година, кој се чува во Историскиот музеј на Македонија во Скопје, сочувани се и дел од многу значајните печати од Илинденското востание на повеќе чети и окрузи.

Во симболиката што ја користел македонскиот народ низ вековите, влегуваат и решенијата аплицирани на различните печати, кои биле користени од разни револуционерни окрузи и штабови. Меѓу значајните печати секако се и осумте сочувани оригинални печати или отисоци од печати на наредби од Илинденското востание, меѓу кои се и печатите на Тиквешкиот, Огражденскиот, Гевгелискиот, Охридскиот, Ениџе-Вардарскиот и два печата од Кумановскиот револуционерен округ.

Според Ѓорѓе Миљковиќ , еден од најревносните истражувачи на македонските симболи, особено знамињата, македонските печати настанале како резултат на потребата од замена на своерачните потписи на извесни војводи или раководители на македонската револуционерна организација, но, пред се, како афирмација на автентичноста и веродостојноста на македонското револуционерно движење.

Двата печати на Кумановската револуционерна околија од Илинденското востание се изработени од бронза .На нив се прикажани вкрстени кама и револвер и текст „Слобода или смрт“. Во кружната линија по работ на печатот пишува: „Револуционерна организација – кумановска околија“.

Печатот на Огражденскиот револуционерен комитет е откупен од Стојан Нивички за Музејот во Струмица. Стојан Нивички е од село Нивичани, син на Атанас Нивички -Брадата, познат војвода од струмичкиот крај и близок соработник на Гоце Делчев. Печатот е изработен во бронза со пречник од 54 милиметри. Во средината на печатот има револвер, кама, бодеж, факел, ќесе со барут а врз нив експлодирана бомба. Над амблемот е изгравирано востаничко знаме со текстот „Слобода или смрт“.

Оригиналниот печат на гевгелискиот војвода Коста Попето, исто така од бронза, бил откупен во 1952 година од Сандо Христов од Струмица. Тој е единствен сочуван печат со името на еден војвода од Илиденскиот период. И печатите, како и знамињата, како исклучително вредни материјални докази за историјата на македонскииот народ, говорат за еден повисок степен на организирање на национално-ослободителното движење на македонскиот народ.

Се разбира, токму знамињата кои минувале низ истоиријата во текот на времето станувале симболи на државата или народот. За жал, Македонија немала среќа, немала конкретна можност, немала „дозвола“ или немала чувство да преземе едно од знамињата што ги користел македонскиот народ низ историјата како државно знаме на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Полскиот историчар Рубаха тврди: Илинденското востание го раководеле Бугари

A1on

ЗИРМ: Учебникот по Историја за V одделение изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации

Горан Наумовски

Николај Милков: Пред да влезе во ЕУ, Македонија треба да се раздели со лажните парадигми во историјата

A1on

Џамбаски: Господине Османи, Гоце Делчев е Бугарин, нема две верзии на историјата

A1on

Бугарски научници: Лагите на македонските историчари ќе се најдат во сите светски библиотеки

A1on

Видео: „Срам и арам, ни јазикот бетон, ни историјата – во ЕУ не ќе влеземе ни за 100 години“ – експерти контра владата

Анита Петровска Рајковиќ