Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска соопшти дека во однос на капацитетот за сместување на деца во градинките правена е посебна анализа пред нивно отворање согласно протоколот за заштита и сведување на ризикот на инфекцијата на минимум. Врз основа на тој протокол, како што информира, во градинките биле слободни 19.000 места, а интерес за сместување на децата изразиле 14.555 родители.
– Анализата што ја правиме на дневно ниво говори за фактот дека постојат запишани дечиња во градинка, но родителите не ги носат. Дополнително, следејќи ја состојбата на дневно ниво имаме сознанија дека има се уште слободни места во градинките за сместување на деца. Од друга страна доколку се појави недостиг на места, се повикуваме на заклучокот на Владата кој им препорачува на општините како основачи на градинките, односно установите за претшколско згрижување на деца, согласно правилникот за нормативи и мерки за безбедно сместување на децата да обезбедат доколку има потреба дополнителни алтернативни решенија за сместување, рече Шахпаска на прес-конференција во Владата.
Во однос на алтернативните решенија, таа рече дека општините имаат можност да ги сместуваат децата во училници, дом на култура или други места. Додаде дека до крајот на годината ќе се зголемува бројот на градинките во земјава, со што ќе се зголемува и опфатот на децата.
За бројот на заболените воспитувачи од градинките, Шахпаска рече дека МТСП на дневно ниво ја следи здравствената состојба на сите вработени и на децата, кои се згрижени. Додаде дека во моментов од 311 објекти, случаи има само во неколку.
– МТСП на дневно ниво прави пресек на здравствената состојба пред се на дечињата кои се згрижуваат, но и на вработените. Будно ја следиме состојбата со здравствената состојба, нагласи Шахпаска.
Таа ги повика граѓаните да ги почитуваат препораките за безбедно растојание, носење заштитни маски преку носот и устата, често миење и дезинфекција на рацете. Доколку епидемиплошката состојба ескалира, таа рече дека следејќи ја будно состојбата и почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести ќе преземат мерки кои ќе го гарантираат здравјето на децата и вработените.
Во однос на хигиената во градинките, Шахпаска рече дека се повикуваат на информациите кои ги добиваат од терен од комисија и инспектори од МТСП, кои на 10 септември тргнале на посети да утврдат дали се почитуваат сите препораки за дезинфекција, чистење и подготовка на градинките во текот на денот и да го следат однесувањето на персоналот. Надлежен за почитување на протколот, како што додаде, е Државниот здравствен и санитарен иснпекторат, кои испраќаат екипи на терен.