Социјалистичката партија на Македонија денеска на прес-конференција ги осуди за насилните протести што изминатите два дена се случуваа во Скопје.
– СПМ најостро го осудува манифестирањето на национализам без оглед од која страна доаѓа. Национализмот секогаш отвара огромни рани, остава крупни последици и носи само трагедии. Потпалувањето на меѓуетничките односи е неприфатливо за денешната македонска држава и е спротивно на заедничките заложби за градење на мултиетничко општество, на разбирање и толеранција, рече портпаролот на партијата Малиша Станковиќ.
СПМ ги повикува надлежните институции на државата да ги преземат сите потребни мерки за расчистување на ситуацијата и откривање на организаторите, поттикнувачите и виновниците за насилството и нередите во изминатите денови.
Социјалистичката партија на Македонија денеска изрази и задоволство што опозицијата донесе одлука да се врати во работата на Собранието и да учествува на претстојните локални избори.
– Изминатиот двомесечен период е пример како не треба да се работи спротивно на интересите на сопствениот народ и држава. Истовремено укажуваме дека од погрешните одлуки и од капитулантството не треба да се книжат придобивки. Конечно, очекуваме дека од сето ова опозицијата ќе извлече заклучоци за начинот на идното работење и за градењето позитивна политичка клима во интерес на граѓаните на Република Македонија, рече Милетиќ на прес-конференцијата.