Пред еден час започна седницата на Советот на обвинители на која треба да се разгледува дали Специјалната обвинителка Катица Јанева постапила законски при примањето на материјалите од прислушуваните разговори што и ги предаде СДСМ.
На седницата досега не се појави ниту Катица Јанева, ниту било кој друг обвинител од СЈО.
Според Ленче Ристевска од СЈО, Специјалната обвинителка Катица Јанева, денеска не била поканета на седницата на Советот на обвинители.
Таа вели дека согласно предвидениот законски рок за работата на СЈО, нејзиното работење ќе биде сосема транспарентно. Од СЈО се надеваат дека сите шпекулации поврзани со примо-предавањето на прислушуваните разговори, Советот на обвинители ќе ги отфрли.
Седницата првично беше закажана за минатата недела, но поради болест на претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски беше одложена за 27 јануари. Вчера повторно беше презакажана за денеска.
Заев материјалите ги предаде на 30 декември минатата година.