Советот на Европа сака да и помогне на Македонија

Од:

Парламентарното Собраните на Советот на Европа (ПССЕ) со огромно мнозинство  синоќа ја усвои резолуцијата и препораката предложена од известувачот британскиот парламентарец Роберт Волтер за постмониторинг дијалогот со Република Македонија, во кои ПССЕ препорачува отворање канцеларија на Советот на Европа во Скопје, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Шефот на македонската делегација при Парламентарното Собрание на СЕ, пратеникот Алкесандар Николоски, исто како другите членови на делегацијата кои учествуваат во дебатата Игор Ивановски, Ермира Мехмети Деваја, изразија задоволство од извештајот и рекоа  дека е реален, при што секој од нив ги изложи своите видувања на ситацијата.

ПССЕ заклучи дека треба да продолжи пост-мониторингот со Македонија и во Скопје да се отвори повторно Канцеларија на СЕ, со цел да се координираат активностите на Советот и да и се помогне на земјата да ги исполни обрските преземени од оваа организација.

Известувачот Роберт Волтер заблагодарувајќи се за конструктивниот пристап на македонската делегација во изготувањето на текстот, околу продолжувањето на постмониторинг дијалгот беше јасен: „Ние сме тука да ви помогнеме и сакам да кажам дека ние наскоро треба да си го поставиме прашањето за прекин на постмониторинг дијалогот што ќе претставува клучна етапа кон ЕУ и НАТО.“

Претседателот на ПССЕ, Жан Клод-Мињон за препораката за отворање на канцеларијата на СЕ во Македонија, објаснува: „Тоа не е канцеларија за набљудување на ПЈРМ. Тоа е канцеларија за работа со ЕУ за да се обидеме да развиеме проекти за соработка, како што имаме во Белград и другите земји  и кои работат крајно добро.“

Тој притоа не го криеше задоволството што резолуцијата и препоракта беа усвоени скоро едногласно од ПССЕ.

– Среќен сум што препораката и резолуцијата беа изгласани на ваков начин. Тоа ќе биде добро за земјата и се надевам дека се она што си го рековме во Скопје со претсавниците на земјата, сега ќе се реализира, рече Мињон.

Во едночасовната дебата по првиот комплетен извештај откако во 2000 година беше затворен мониторингот за Македонија, ПССЕ констатира дека Охридскиот рамковен договор од 2001, беше „фактор на мир и стабилност во целиот регион во текот на последните години, иако односите меѓу македонската и албанската заедница остануваат кревки“.

Јавниот живот останува и понатаму силно поделен по политичка и етничка линија, нагласува известувачот Волтер, кој во повеќе наврати ја посети Македонија. Со усвоената резолуција ПССЕ бара од македонските власти да продолжат со деценетрализацијата и со спроведувањето на договорот од Охрид, воведување нови инклузивни политики, продолжување на децентрализацијата и понатамошно промовирање на културните и јазичните права на малцинствата.

Во резолуцијата на ПССЕ околу спроведувањето на Рамковниот договор се вели: „Собранието забележува дека и 10 години по Охридскиот рамковен договор, односите меѓу заедниците остануваат креврки. Тензиите меѓу нив продолжуваат и водат до серија инциденти – особено во последните месеци – и во нив подеднакво беа инволвирани и од македонската и од албанската заедница. Собранието ги охрабрува македонските власти да продолжат со имплементацијата на договорот и посебно бара да се спроведат серија мерки“, се вели во точката 4 од Резолуцијата.

Меѓу мерките на кои инсистира ПССЕ е политичките и општествените фактори да се воздржуваат од националиситичка реторика што води кон поделби и да покажат почитување и разбирање за различните културни и идентитетски обележја на заедниците. Собранието исто така бара да се продолжи со процесот на децентрализација, вклучувајќи ја и фискалната и да се обезбеди соодветна обука на вработените и избраните претставници на локално ниво.

Советот на Европа бара и недоложно спроведување на пописот во Македонија

Како една од мерките за подобра имплементацијата на договорот од Охрид се споменува и заедничкото образование и се истакнува жалење што тоа во Македонија се уште е одвоено, „со што се поттикнува поделеноста меѓу идните генерации“.

– Да се продолжи без никакво натамошно одложување со подготовките и спроведувањето на пописот базиран врз методологија за која ќе се постигне согласност меѓу клучните претставници, бидејќи на тој начин пописот ќе има директни ефекти врз сите заедници, се вели во резолуцијата на ПССЕ.

Се истакнува уверувањето дека Македонија треба да се поддржи во консолидирањето на демократијата, но се истакнува  „ загриженост поради серија мерки против медиумите, против опозициските партии и невладините организации по парламентарните избори во јуни 2011“

– Политичкиот живот е длабоко поделен по политички и етнички линии, а деполитизацијата на јавниот живот е сериозно прашање кое треба да им се упати на властите и на сите политички партии со цел да се обезбеди транспарентност и ефикасност на јавните институции, да го забрза социо-економскиот развој на земјата и да понуди ветувачка иднина за младите, се констатира во резолуцијата.

Паралментарното Собрание во оваа насока посебно ги осуди настаните од 24 декември 2012 кои доведоа до политичка криза и до напуштање на парламентот од страна на опозицијата. Поради тоа ПССЕ побара  да се спроведе политичкиот договор од 1 март околу комисијата што треба да ги утврди фактите за настаните од 24 декември и да се спроведат сите препораки на ОБСЕ и на Европската комисија преку Венецијанската комисија за ревизија на изборното законодавство.

Слободата на медиумите, владините реклами, наодите на меѓународните специјализирани организации за медиумските слободи, се наведуваат во неколку точки од резолуцијата на ПССЕ. Собранието се повика на последните рангирања на слободата на медиумите од страна на „Репортери без граници“ според кои за 2012 Македонија е рангирана на 116 место од 179 земји што се оценувани.

„Собранието ги повикува македонските власти да обезбедат слобода на медиумите, со оглед на слабоста на медиумскиот сектор, големиот број на медиуми, големата зависност на медиумите од јавните реклами (што изнесуваат до 50 отсто), со што се отвора загриженост за мешањето на политиката во медиумите, за недостиг од професионални стандарди за да се овозможи независно, урамнотежено и истражувачкото новинарство, и загриженост од предизвикот од преминувањето на дигитално емитување во 2013 година“ – се вели во една од точките на резолуцијата.

Во врска со тужбите за клевета и навреда и нивното влијание врз слободата на медиумите, ПССЕ изрази загриженост поради висината на финансиските казни.

„Собранието ја поздравува декриминализацијата на клеветата постигната во 2012 година, но забележува дека новиот закон за Граѓанска одговорност на навреда и клевета и финансиските отштети што треба да се платат во граѓанската постапка, може да има сериозно влијание врз можностите за преживување на медиумите и може до доведе до непосакувана самоцензура“, се констатира во Резолуцијата на Советот на Европа.

Воедно се повикуваат на разговори меѓу властите и асоцијациите на новинарите за натамошни законски прецизирање што ќе ја гарантираат новинарската слобода, за утврдување на саморегулацијата како начин на решавање на споровите и за обезбедување механизми Советот за радиодифузија со својот нов состав да не се доживува како тело во кое се меша политиката и да дејствува независно.

Во резолуцијата на Парламентарното Собрание на СЕ се покренуваат и други прашања кои Македонија треба да ги решава, како што се натамошно обезбедување на независноста на судството, превенцијата од тортура, лажни азиланти, правата на Ромите, превенцијата од корупцијата со сигурни заштитни механизми за „свиркачите“ – луѓето што посочуваат на корупција и друго.

Во резолуцијата се изразува и жалење што евроинтеграциите на Македонија доцнат поради проблемот со името и ставот на Грција, но и ја повикува Македонија на продолжување на преговорите и на развивање добрососедски односи.

– ПССЕ жали што прашањето за името продолжува да го одложува отварањето на преговори за членство во ЕУ, иако за тоа има препораки секоја година од 2009 досега од страна на Европската комисија, како и обидот на Македонија за членство во НАТО, притоа без да се почитува од страна на Грција одлуката на Меѓународниот суд на правдата (ИЦЈ) од 5 декември 2011 г. ПССЕ се надева дека Грција ќе примени и прифати пофлексибилен приод кон решавање на ова прашање. ПССЕ ја поканува Македонија да го продолжи дијалогот под покровителство на Обединетите нации за решавање на прашањето на името, како и да развива конструктивни односи со соседите, со тоа придонесувајќи за целокупната стабилност на регионот“.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески