Последните случувања со сквернавење и испишување на графити со провокативна содржина на споменикот на паднатите борци во градскиот парк во Гостивар, го осуди Општинскиот одбор на Сојузот на борци.
– Ние сме згрозени од овој чин. Оваа појава е честа и затоа и јавно прашуваме, кој и во чие име го прави тоа. Спомениците се обележје на едно време и вредности, врз кое младите треба да се воспитуваат, а не да ги нагрдуваат. Гостивар отсекогаш бил место во кое се негувало заедништвото и соживотот, изјави Ратко Ѓиноски претседател на организацијата на Сојузот на борци Гостивар на одбележуавњето на седумдест годишнината од стрелањето на шестмина борци во НОБ.
Вчера во полиција било пријавено сквернавење на споменикот на паднатите во НОВ. На задната страна на споменикот со црн спреј беа испишани пораки со Илирида, етничка Албанија. Графитите најверојатно биле испишани во текот на викендот. Слични натписи беа испишани и на влезната врата од спортската сала која се наоѓа во близина на споменикот. Од СВР Тетово, информираа дека е извршен увид и се преземаат мерки за откривање на сторителите.
Лани во неколку наврати, во Гостивар се регистрирани случаи со испишување на пароли на споменични обележја, ѕидови и објекти со содржини кои повикуваат на национална омраза и величење на велико албанските идеали. Досега не е откриен ниту еден сторител.