СЈО денеска на прес конференција во 11 часот ќе објави две истраги, едната за дел од капиталните објекти на контроверзниот проект „Скопје 2014“, втората за населбата Сончев град кај Сопиште.
И двете истраги, како што објавија дел од медиумите, ја продолжуваат низата која носи оперативни имиња на случаи кои почнуваат на Т.
Тимот на Јанева најверојатно ќе ги обелодени сомневањата за криминали поврзани со „Сончев град“, случај кој СЈО го истражува повеќе од пет месеци. Уште во мај соработниците на Јанева ја посетиле општина Сопиште и се заинтересирале за историјатот на градбата. Истрагата не е поврзана со сегашните турски инвеститори, туку е фокусирана на пропаднатиот обид на израелска фирма да ја гради населбата.
Вчера одземената документација од Министерството за култура е поврзана со проектот „Скопје 2014“, но не со утрешниот случај кој ќе биде објавен јавно.
За вториот предмет има голем број докази и сведоци. Се работи за еден од поголемите објекти на „Скопје 2014“. Градоначалникот на општина Центар пред три месеци сведочеше во СЈО, во врска со овој проект и ги достави ревизорските извештаи кај обвинителите на Јанева.
„Скопје 2014“ беше дел и од т.н. бомби. Опозицијата обвини дека Никола Груевски лично е идејниот творец, дизајнер и реализатор на проектот „Скопје 2014.“
И вчера, како и пред околу два месеца во СЈО сведочеше и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска. Таа не соопшти детали за кој случај била повикана, но порача дека дошла со задоволство бидејќи имала можност да каже дека нејзиното министерство работело по закон.