Зградата на Народната Банка на Република Македонија од попладнево е предмет на интерес на полициски единици и лица од Специјалното обвинителство, објави Алсат-м, повикувајќи се на очевидци и вработени во институциите кои се сместени во објектот.
Екипа на телевизијата вечерва регистрирала дека пред зградата има возило на единицата Алфи, кое е паркирано пред влезовите во објектот, а повремено можеле да се забележат и други полициски возила.
Од СЈО потврдија за Алсат-м дека нивни истражители помогнати од полицијата се присутни пред зградата на НБРМ поради судска наредба за одземање на документи од Централниот регистар на Македонија.
„Наредбата била издадена при крајот на работното време, но по истата не било постапено бидејќи сите вработени од Централниот регистар биле пуштени да си заминат дома. Така, велат од СЈО, нивните истражители и полицијата ќе останат да го чуваат објектот до почетокот на работно време утре, за да не дозволат влез или излез од објектот или изнесување документи, бидејќи како што велат, имале сомнеж дека е можно уништување на материјали кои потенцијално се од интерес на СЈО. Од кај Катица Јанева не откриваат за кој предмет се врши одземањето на документите“, објави Алсат-м.