На денешното судско рочиште за предметот на СЈО „Тарифа“, кое со новиот распоред на судења и е доделено на судијката Софче Гаврилова Ефремова, обвинителите повторно го прочитаа воведниот говор од претходното рочиште одржано на 19 декември минатата година.
Обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов рече дека според доказите ќе докажат дека тројцата обвинети се сторители на кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето при јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Тие му овозможиле на конзорциумот, кој подоцна го добил тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немал доставено комплетна документација.
– За делото кое што ми се става на товар, не се чувствувам виновен. Во ниеден момент од своето работење во АД ЕЛЕМ од октомври 2012 до септември 2016 година не сум ги прекршил законите на РМ, рече Бошковски.
Тој во своето обраќање до Судот, рече дека верува оти ќе овозможи фер судење, бидејќи непрецизно и нејасно е зошто е обвинет. Денешното рочиште се снима со камера.